Промовира тинејџерска бременост, на 23 години чека 4-то дете: Зошто јавноста ја критикува инфлуенсерката Нара Смит?
Нара Смит е меѓу најпознатите инфлуенсерки кои се декларираат како „модерни домаќинки“ и кои се грижат за децата и домот и наводно немаат свој приход. На 23 години, веќе го очекува четвртото дете, а објавува нереалистични видеа со кои јавноста смета дека ги охрабрува младите девојки да станат сопруги и мајки на рана возраст, за што е и критикувана.

Сигурно сте забележале дека на Инстаграм сè почесто има инфлуенсерки кои се декларираат како tradwife – збор што се користи како опис за традиционална (модерна) домаќинка.
Ова се инфлуенсерки кои веруваат дека жените треба да седат дома и да се грижат за домот и децата, а дека сопругот е тој кој треба да заработува, и преку своите објави го промовираат овој начин на живот.
Овој тип објави се соочени со критики од јавноста бидејќи многумина сметаат дека им даваат лажна слика на младите девојки за тоа како е да се биде домаќинка во модерно време.
Односно дека не ја прикажуваат лошата страна на овој начин на живот, како финансиската зависност од друга личност, но и фактот дека воопшто не е лесно целата грижа за домот и децата да припаѓа на една личност.
Јавноста смета дека девојките што ги гледаат како идоли не се свесни дека овие инфлуенсерки се богати и сепак заработуваат од нивните содржини, па сигурно имаат и многу помош околу обврските, како хигиеничари и дадилки.
Па, нивното претставување за животот како домаќинка е далеку од реалноста.
Една од најпознатите инфлуенсерки од овој тип е Нара Смит која се соочува со критики и за лажното прикажување на овој начин на живот, но и за тоа што некои сметаат дека промовира тинејџерска бременост.
Нара Смит има 23 години и веќе го очекува четвртото дете со сопругот Лаки Блу Смит.
Младата инфлуенсерка, која има над 4,6 милиони следбеници на Инстаграм, ги сподели вестите за бременоста со видео на Инстаграм, а покрај честитките, има коментари кои покажуваат и загриженост.
Имено, некои сметаат дека Нара не сака уште едно дете, но 27-годишниот сопруг ја натерал. Всушност, пред околу една година, Нара самата изјави дека по три деца, не сакаат уште едно.
Нара се венча со сопругот во 2020-та, а првото дете го роди на 18-годишна возраст. Бидејќи честопати изјавува дека била среќна што е млада мајка, многумина ја критикуваат дека промовира тинејџерска бременост.
Во своите објави Нара честопати се фали со раскошниот живот – има убава куќа, а носи и дизајнерска облека. Споделува и видеа со рецепти во кои сè прави сама - дури и свежи тестенини. А, во видеата со готвење, секогаш е во скап аутфит.
Според оние што ја критикуваат, ова е нереално за нејзините следбеници и таа не треба да ги поттикнува да стануваат родители на само 18 години, но и дека не треба да се надеваат дека ако се домаќинки, ќе имаат време за сето она што го објавува Нара.
„Нара, те молам не го величај ова. Среќна сум за тебе, но животот што го имаш ти не е реалност за многу 18-годишни девојки“.
„Потсетник до сите 18-годишни девојки – ги немате парите на Нара Смит“.
„Девојки, на 18 години не сте богати колку Нара, што значи нејзините објави не се знак дека треба да родите дете“.
„Девојки, не потпаѓајте под влијание на ваквите инфлуенсерки. Завршете факултет, најдете работа, станете финансиски стабилни пред да родите дете“.
Некои коментираат и дека има случаи кога девојките кои се венчаат многу млади и стануваат финансиски зависни од нивните партнери може да бидат заглавени во бракови без љубов.
„Нара заработува многу од нејзиниот Инстаграм профил, па таа е заштитена од сценариото во кое се наоѓаат многу млади жени – заглавени во врска без љубов, па дури и насилен брак“.