Како да се спакувате во една торба (или рачен багаж) за одмор?
Спакувајте се во што е можно полесна торба и размислете дали некои продукти, како шампон и паста за заби, е подобро да ги купите на одмор, отколку да ги носите од дома.

Доколку патувате со авион, куферот што ќе го понесете со себе може да има огромно влијание врз цената на авионскиот билет.
Додека повеќето авиокомпании дозволуваат еден рачен багаж, обично до 10-тина килограми, сè што е плус може да ве чини многу.
А, кога одите на летување подолго од една недела, може да биде предизвик да се спакувате во толку мал простор. Но, не е и невозможно.
Неколку трикови што ќе ви бидат од помош:
Најголемите парчиња носете ги на себе
Пред да се спакувате, обрнете внимание кои парчиња облека зафаќаат најмногу простор. И, за време на летот, носете ги тие.
Ова е особено важно за обувки – на пример, наместо да ги ставате патиките во куфер, а да патувате со балетанки, облечете ги патиките, а спакувајте ги балетанките бидејќи зафаќаат помалку простор.

Спакувајте парчиња што се комбинираат едни со други
Кога сте ограничени со простор, секогаш пакувајте облека што можете да ја комбинирате една со друга.
Нема потреба да носите панталони кои ви одговараат само со една блуза или да зафаќате простор за сандали кои се носат само со една комбинација.
Најдобро е да се држите до понеутрални бои бидејќи и самото комбинирање ќе ви биде полесно.

Свиткајте ја облеката во ролна
Ако ја спакувате облеката на овој начин, не само што ќе заштедите простор, туку и помала е веројатноста парчињата да ви се истуткаат.

Бидете подготвени и да исперете нешто
Кога ќе стигнете на вашата дестинација, доколку не сте во сместување со машина за перење, тогаш можете да исперете некои парчиња и на рака.
Секако, ќе ви одземе малку време, но вака ќе можете истите парчиња да ги носите и по двапати, што значи ќе треба да спакувате помалку облека.

Искористете ја чантата
И ова зависи од авиокомпанијата, но повеќето дозволуваат покрај рачниот багаж, да имате и лична чанта.
Па, пробајте да ја искористите максимално – на пример, во неа можете да ставите шминки или продукти за хигиена.

