6 знаци дека треба да избегнете некој ресторан кога сте на одмор – веројатно е „туристичка замка“
Имаат вработено личност која „собира“ гости од улица или се наоѓа веднаш до позната атракција, на пример Ајфеловата кула – како да познаете ресторан кој е „туристичка замка“ кога сте на одмор?

Кога сме на летен одмор, па и кратко патување во странство, јадењето во ресторан барем еднаш е неизбежно.
Но, како што на секоја попопуларна дестинација постојат „туристички замки“, постојат и ресторани кои го користат незнаењето на туристите за областа за да ги намамат.
Ваквите ресторани обично ги користат обележјата на дестинацијата за да ги измамат туристите, а им нудат неквалитетна храна, обично за превисока цена.
Храната во овие ресторани обично нема никаква врска со локалните специјалитети што сакате да ги пробате.
Па, како да ги познаете рестораните кои се „туристички замки“?
Ве убедуваат да одите во ресторанот
Доста често, рестораните кои имаат најмено личност да собира гости од улицата се туристички замки.
Им туткаат мени на луѓето уште пред да влезат во ресторанот и постојано објаснуваат како нудат автентична локална храна и слично.
Не сите ресторани што го прават ова се замки, но експертите препорачуваат дека е подобро да ги избегнувате.
Обрнете внимание на локацијата
Доста често, рестораните лоцирани до некоја популарна атракција, на пример Ајфеловата кула, се екстремно скапи, но не нудат нешто квалитетно. Овие ресторани заработуваат поради добата локација, а не добрата храна.
Секако, има и ресторани со врвни готвачи сместени до популарни атракции, но обично тие се прескапи и можат да си ги дозволат само богаташи.
Ако сакате да пробате автентична локална храна, експертите препорачуваат да барате локали подалеку од атракциите.
Исто така, секогаш можете да пребарате онлајн или да се консултирате со локалците кои сигурно знаат каде е најдобрата храна.
Огромно мени
Во ред е ако ресторанот нуди многу оброци, но ако сакате автентична локална храна, избегнувајте ги оние со огромни менија.
Штом ресторанот има и тестенини, и пици, и по 10 видови ориз и месо, плус и десерти, голем дел од овие работи не се свежо подготвени.
Односно, повеќето јадења се претходно замрзнати за готвачите да можат да ги приготват побрзо.
Десерти и пијалаци што ги има во сите ресторани
Ако планирате да јадете и нешто благо, обрнете внимание на понудата со десерти.
Кога се во прашање локално направени десерти, ќе бидат колку-толку уникатни, а и ресторанот нема да нуди премногу.
Ако има многу десерти, а и сите ви изгледаат слично, тогаш подобро побарајте некоја мала слаткарница доколку целта ви е да пробате нешто локално.
Преголем фокус на изгледот на храната и ресторанот
Нормално е дека ќе сакате да влезете во ресторан кој е добро среден.
Но, ако ви делува дека местото е премногу „нашминкано“ и како да е направено за Инстаграм фотки, голема е веројатноста храната да не е толку добра.
Денес секој сака да си го фотографира оброкот и ресторанот што го посетил, па рестораните на познати дестинации го користат ова за да привлечат туристи.
Во ваквите ситуации најдобро е да прочитате онлајн рецензии за ресторанот бидејќи некои сепак нудат и добра храна покрај убавиот амбиент.
Ресторани во кои има само туристи
Ако забележите дека во некој ресторан има само туристи, особено цели групи, тогаш најдобро избегнете го.
Секогаш подобар избор се рестораните што ги преферираат локалците бидејќи, како што спомнавме претходно, тие знаат каде има добра храна.
Штом ресторанот го посетуваат само туристи, тогаш на локалците им е јасно дека или е премногу скап или не нуди ништо добро.
Спирова С. | Црнобело
