50 луѓе спијат во иста ќелија, со глувци и лебарки: Бруталните услови во островскиот затвор во Њујорк
Она што е најстрашно е тоа што голем дел од затворениците не се воопшто осудени, туку во затворот го чекаат своето судење.
Во ваква ситуација била и Американката Мишел, а престојот во затворот бил и пострашен отколку што си замислувала.
„Скоро сите во затворот чекаа судење за убиство. Беше многу страшно. Дури и чуварите ми рекоа дека треба да бидам особено внимателна бидејќи некоја oд затвореничките може да ме нападне во текот на ноќта.
Немаше никаква заштита. Имаше по еден чувар за ќелија со 50 кревети. Овој страв навистина ме оштети. Сега можам да заспијам само ако целосно си ја покријам главата бидејќи не се чувствувам безбедно“.
Друг огромен проблем бил и недостатокот од приватност.
„Беше многу непријатно. Тоалетите немаа врати и имаше заеднички тушови. Креветите беа еден до друг, па нема никаква приватност. Кога се туширав се чувствував изложено и ранливо.
Како жена, морав да се справувам и со менструација, и тоа пред очите на сите други. Недостатокот од приватност ме истрауматизира. Според мене, нема причина зошто да не стават врати на тоалетите“.
Таа додава дека скоро сите затворенички пиеле лекови за спиење бидејќи ниту една не можела да спие. Исто така и условите во ќелиите биле лоши.
„Зградата беше одвратна, стара и во фаза на распаѓање. Имаше глувци, лебарки… Кога врнеше, прокиснуваше таванот. Во лето беше многу жешко, а во зима многу студено“.
На нејзиното судење, Мишел направила спогодба – признала вина за помала казна, за да избегне подолг престој во затворот.
Кога излегла од затворот, вели дека морала да го почне својот живот од нула.
Друг поранешен затвореник, Дејвид Кемпбел, има напишано и книга за неговото искуство.
Тој има откриено слични детали како Мишел.
„Натрупано е, валкано е… Првите неколку недели спиев само по неколку часа навечер. Повеќето затвореници се сместени во огромни ќелии со 50-тина кревети, па постојано се случува нешто.
Секогаш има време, чуден мирис, тропање на врати, луѓе кои викаат…“
Тој открива и дека на болните затвореници не им се пружала неопходната медицинска нега, па многу луѓе умирале поради тоа.
Имало ситуации кога затворениците пробувале да се спасат едни со други и ги молеле чуварите за лекар, но најчесто биле игнорирани.
„Овој затвор не треба да работи, освен можеби овде да се затвораат навистина опасни луѓе. Но, мнозинството од затворениците се најобични луѓе кои не се ни опасни“.
Прочитајте и: Изгладнување, мачење со денови: Како изгледа животот во озлогласениот затвор Гвантанамо?
Спирова С. | Црнобело