Се заглавиле во подводна цевка за нафта, никој не ни пробал да ги спаси: Детали за најморничавата нуркачка трагедија
Во 2022 година, пет искусни нуркачи требало да поправат цевка за нафта на платформа во близина на Карибите. Но, поради непочитување на безбедносните протоколи од страна на нафтената компанија, биле вшмукани во цевката, без можност да се помрднат.

Комерцијалните нуркачи имаат една од најризичните професии во светот.
Нивната задача е да поправаат, одржуваат и градат подводни објекти, како, на пример, нафтени платформи.
Па, покрај тоа што се професионални нуркачи, тие неретко се и инженери, само во многу поопасна работна околина.
Иако самите се свесни за ризикот што го преземаат со секоја работна задача, обично секогаш постои и план за спасување доколку се случи нешто.
Но, во 2022 година, четворица комерцијални нуркачи настрадаа во една од најморничавите нуркачки несреќи, најмногу бидејќи нафтената компанија што ги најмила не ни пробала да ги спаси.
Поминале неколку часа во подводна цевка за нафта и умреле во страшни услови. Во трагедијата преживеал само еден нуркач.
Петте нуркачи
Детали за трагедијата:
На 25-ти февруари, пет професионални комерцијални нуркачи работеле на нафтена платформа на компанијата Paria Fuel Trading Company, лоцирана во близина на Тринидад и Тобаго.
Тие биле задолжени за рутинска поправка на подводна цевка – работа што сите петмина ја правеле многупати претходно.
Како професионалци со долгогодишно искуство, нуркачите биле тренирани да се справат со повеќето потенцијални проблеми со кои би можеле да се соочат, но не и со тој што ги снашол.
Цевката што требало да ја поправат била со дијаметар од околу 76 сантиметри.
Цевка со приближно ист дијаметар како онаа во којашто се заглавиле нуркачите
За да стигнат до отворот на цевката, влегле во таканаречена хипербарна комора, на длабочина од околу девет метри.
Ваквите комори не се полни со вода, туку со воздух и кислород и им овозможуваат на нуркачите да дишат под вода без опрема.

Но, пред да почнат со работа, нуркачите не знаеле дека цевката била испразнета пред околу еден месец, па меѓу неа и комората имало разлика во притисокот.
Ваквите цевки се дизајнирани за транспорт на нафта и обично се под притисок. Но, пред на нив да се прават поправки, важно е да се изедначи притисокот со оној во комората и во цевката да нема остатоци од течности или гасови.
Сето ова е неопходно за безбедноста на нуркачите.
Како што веќе спомнавме, овој пат овој чекор бил превиден.
Па, кога нуркачите ја отвориле цевката, поради разликата во притисокот од неа и комората, цевката буквално ги вшмукала внатре, како со вакуум.
Кога престанале да се движат, нуркачите сфатиле дека во цевката има вода, а тие се заробени во мали „џебови“ со воздух.
Иако засега имале кислород, било јасно дека нема да им трае долго. Притоа, во цевката имало остатоци од нафта, па дишењето им било значително отежнато.