Се заглавиле во подводна цевка за нафта, никој не ни пробал да ги спаси: Детали за најморничавата нуркачка трагедија
Нуркачите преживеале, но сите се здобиле со по некоја повреда. Збунети и во паника, сепак им било јасно дека мора да останат смирени за кислородот да им трае што е можно повеќе.
Почнале да тропаат по цевката со надеж дека некој ќе ги слушне, но залудно.
Едниот од нуркачите, кој се наоѓал најблиску до излезот на цевката, решил да проба да излезе од неа и да побара помош.
Сепак, ризикот бил огромен бидејќи не знаел колкаво растојание треба да помине, ниту дали ќе преживее до излезот.
Голготата траела околу еден час, а нуркачот, Кристофер Будрам, успеал само затоа што по пат нашол некои од боците со кислород што биле вшмукани внатре.
Стигнал до комората на отворот од цевката и одовде бил изнесен на површината со спасувачки тим.
Иако веднаш соопштил во каква положба се останатите нуркачи, операцијата за спасување не ни почнала.
Надлежните во компанијата биле известени за несреќата, но не понудиле никакви опции за спасување.
Нуркачи од спасувачкиот тим биле подготвени да си го ризикуваат животот и да влезат во цевката, но надлежните сакале тие да ја водат мисијата и не им дозволувале.
Нуркачите имале работено на цевката, ја знаеле областа, а ја имале и потребната опрема.
Сепак, надлежните не преземале ништо, а како што минувало времето, се намалувале шансите дека нуркачите ќе бидат извлечени живи.
Конечно, по неколку часа, на првиот нуркач му било дозволено да се спушти до цевката. Не можел да влезе во неа поради разликата во притисокот, но слушнал тропање на цевката што значел дека барем еден од нуркачите уште е жив.
Станало јасно дека спасувањето ќе биде потешко, но надлежните повторно им ја попречувале работата на спасувачкиот тим.
Кога следниот ден подоцна спасувачите конечно стигнале до нуркачите, тие веќе биле починати.
Единствениот преживеан нуркач
По трагедијата, семејствата на загинатите, но и јавноста, почнаа да бараат одговори и сакаа да знаат дали нивната смрт можела да се спречи.
Нафтената компанија беше прва на мета и надлежните беа обвинети дека не само што самите не презеле ништо, туку не дозволувале и други спасувачки тимови да се вклучат во операцијата.
Потоа, компанијата беше обвинета и дека не ги следела безбедносните протоколи што довеле до трагедијата, како едначењето на притисокот во цевката.
Случајот заврши и на суд, каде адвокатскиот тим на компанијата ладнокрвно сподели дека немале план за спасување, како и дека немале ни легална обврска да ги спасат нуркачите.
Судењето уште е во тек, а во септември 2024-та, беа поднесени тужби и против менаџерите на компанијата, како и на уште една компанија која била задолжена за поправка на цевките.
Спирова С. | Црнобело