Сосед ѝ истурил киселина бидејќи бил опседнат со неа: Потресната приказна на Наталија од Колумбија
„Беше како вода. Не знам што ми истури, не се сеќавам дека почувствував некаков мирис. Но, тогаш облеката почна да ми се распаѓа и почувствував горење“, раскажува Наталија од Колумбија која била жртва на напад со киселина. Денес таа е активистка која сака да ја зголеми свесноста за овој проблем во нејзината родна земја.

Наталија Понче де Леон од Колумбија преживеала напад со киселина од маж кој бил опседнат со неа.
Нападот ја оставил со сериозни изгореници на лицето, но Наталија решила да го искористи своето искуство за да ја зголеми свесност за овој проблем во нејзината родна земја.
Па, денес е активистка која поради својата работа, BBC ја прогласи за една од највлијателните жени во светот за 2016 година.
Родена во Богота, Наталија двапати се соочила со изгореници на лицето.
Кога имала само три години, си играла на улица со топка која завршила под автомобил. Кога пробала да ја земе, си го изгорела лицето од ауспухот.
Вториот инцидент се случил 30 години подоцна, кога маж кој Наталија едвај го познавала фрлил киселина врз неа, со што ѝ предизвикал изгореници на лицето, рацете, стомакот и едната нога.
Наталија поминала неколку недели во болница и ѝ бил направени безброј операции, а нејзиниот случај се вбројува меѓу еден од најсвирепите напади со киселина во Колумбија.
Наталија била нападната од сосед на нејзината мајка кој бил опседнат со неа.
Таа била на гости кај мајка си, кога соседот затропал на вратата. Отворила мајка ѝ на Наталија, а тој ѝ рекол дека ѝ е бивши дечко и сака да ја види.
Кога Наталија се појавила на вратата, тој истурил сулфурна киселина врз неа.
„Беше како вода. Не знаев што ми истури, не се сеќавам дека почувствував мирис или нешто такво.
Но, тогаш облеката почна да ми се распаѓа и почувствував горење. Влегов во куќата со викање“, раскажува Наталија.
Додека закрепнувала во болница, Наталија вели дека се плашела дека ќе го изгуби видот.
„Ми пречеше светлината. Не можев да ги затворам очите бидејќи немав очни капаци. Носев некаква направа која ми ги хидрираше очите и ми ги штитеше од оштетување“.
Лекарите успеале да ѝ направат нови очни капаци на Наталија, а таа вели дека по многуте реконструктивни операции, морала одново да научи да трепка.
Иако не го изгубила видот, постојано постоел страв дека ќе се случи нешто такво.
