Апчиња со арсен, шери по секој оброк – бизарни „трикови“ за слабеење од минатото
Апчињата за слабеење со мало количество арсен биле хит, а извесен период жените намерно се заразувале со паразити за да ослабат.

Стандардите за убавина постојано се менуваат, но луѓето отсекогаш барале начин да се ослободат од вишокот килограми.
Иако порано овој проблем не бил толку изразен и поради храната, и поради начинот на живот, факт е дека имало луѓе кои сакале да бидат послаби.
Во период кога експертите го немале денешното знаење, постоеле навистина бизарни диети и третмани за слабеење.
Дел од најлудите во продолжение:
Апчиња за слабеење со арсен
Апчињата за слабеење не се нов изум и биле хит уште во 19-тиот век.
Иако експертите предупредуваат и за некои модерни брендови кои не се соодветно проверени, апчињата од 19-тиот век биле и смртоносни. Доста често имале штетни состојки, како отровот арсен.
Производителите ги рекламирале како „волшебни“ апчиња кои го забрзуваат метаболизмот и со кои може да се јаде сè.
Иако штетните состојки биле во многу мала количина, многу жени пиеле поголема доза од препорачаната со надеж дека ќе ослабат побрзо.
Џвакање по 30 и повеќе пати
Во 1890-тите, нутриционистот Хорас Флечер тврдел дека сите треба да џвакаат повеќе за да го избегнат дебелеењето.
Иако е точно дека треба добро да ја изџвакаме храната, Хорас Флечер тврдел дека секој залак треба да се џвака најмалку 30 пати, додека храната не се претвори во течна, па дури тогаш да се проголта.
Според него, со овој трик можете да јадете буквално сè без да се здебелите.
Диета со шери
Денес е познато дека алкохолните пијалаци се извор на „празни“ калории и секој нутриционист советува да се ограничи пиењето ако пробувате да ослабите.
Но, порано алкохолот се гледал како сојузник во слабеењето.
Во 1955 година, во САД се прославила диета со шери, наменета за жени. Односно, ако жените пиеле чаша шери по секој оброк, немало да се здебелат и ќе се ослободеле од вишокот килограми.
Диета со спиење
Кон средината на 20-тиот век се појавил бизарен трик за слабеење, поттикнат од идејата дека кога спиете, не внесувате храна.
За да спијат повеќе, луѓето пиеле седативи и по неколкупати дневно со што, секако, си го ризикувале здравјето.
Слабеење со паразити
Никој не би посакал да има паразити во стомакот, но жените од викторијанската ера ги користеле за слабеење.
Намерно голтале паразити, најчесто тенија, за да се заразат бидејќи потоа нагло слабееле.
Но, познато е дека паразитите предизвикуваат низа непријатни симптоми, па дури и го загрозуваат животот и, за среќа, овој трик почнал да ја губи популарноста.
Спирова С. | Црнобело