Мајка ѝ лажела дека е смртно болна за пари од донации, починала на 7 години: Тажната судбина на Оливија од САД
Во својот краток живот, на Оливија ѝ биле направени над 20 операции и постојано примала некаква терапија, пред да почине на само седум години. Но, реалноста била уште посурова – нејзината мајка ѝ ги лажирала симптомите и успешно ги мамела дури и лекарите, сè со цел да собира пари од донации.

Кели Тарнер од САД делувала како грижлива мајка која сакала нејзината ќерка Оливија да искуси што е можно повеќе од животот, пред да почине од многуте здравствени проблеми.
Како што кажувала самата Кели, ќерка ѝ била смртно болна, па таа почнала да собира и донации за да исполни барем дел од желбите на девојчето.
Кели, која живеела во Тексас, имала три ќерки од кои Оливија била најмладата.
Во 2012-та, кога Оливија имала две години, Кели ја однела на лекар поради констипација.
Лекарите веднаш му помогнале на девојчето, но само неколку месеци подоцна, Кели повторно ја однела ќерка ѝ во болница со тврдење дека не јаде како што треба.
Во наредните пет години, Кели постојано ја носела Оливија во болница и девојчето било третирано за бројни проблеми со здравјето, главно дигестивниот систем.
Лажирајќи ги нејзините симптоми и успевајќи да ги измами дури и лекарите, Кели тврдела дека Оливија е смртно болна.
Ѝ биле направени 25 операции и постојано примала некаква терапија.
Од Тексас, Кели се преселила во Колорадо, наводно бидејќи сакала да најде подобри лекари за нејзината ќерка.
Во меѓувреме почнала да собира донации на GoFundМе, а стапила и во контакт со добротворната организација Make a Wish која им исполнува желби на смртно болни деца.
Кели стапила во контакт и со локалната пожарна служба, како и полицијата, бидејќи една од желбите на ќерка ѝ биле да биде полицаец или пожарникар.
И пожарникарите и полицајците ѝ излегле во пресрет – организирале пречек за девојчето и му дозволиле да се повози со нивните возила.
Оливија имала само седум години кога починала, но целата приказна станува дури и помрачна – мајка ѝ Кели ги лажирала нејзините симптоми и нејзината болест, со цел да изнудува пари од луѓе кои само сакале да помогнат.
