„Живеам на инстаграмџиска улица – полуголи инфлуенсерки позираат во двор и ми ги берат цвеќињата, пекол е“
„Живеам на улица со убави куќи, расцветани магнолии и цреши. „Извинете, во кадар сте ми“ – ми извика жена додека поминував и пробував да си влезам дома. Сведочев како еден сосед си доаѓа дома и на скалите му седеа 4 непознати девојки. Тие дури си земаа за право да го прашаат дали може да почека додека да го завршат видеото“.

Британската авторка Анет Келоу, во својата последна колумна за Daily Mail, се жали од инстаграмџиите кои немаат осет и позираат пред туѓи домови.
Таа живее на атрактивна локација во Нотинг Хил, а во нејзиното соседство постојано има инфлуенсери кои се однесуваат како да се во студио, а не пред нечиј имот.
Овој проблем е чест и многупати луѓе кои живеат на впечатливи локации се жалат за вознемирувањето од инфлуенсерите.
Дел од текстот на Анет прочитајте во продолжение:
„'Извинете, во кадар сте ми' – ми извика жена додека поминував. Не, не се обидував да влезам во автобус во шпицот, само сакав да си влезам дома.
Се наредила со 4 празни брендирани чанти, шпиц штикли и мини фустан од твид, на кого сигурно му ѕиркаше етикета одзади.
Почнува да дефилира по улицата, низ луксузните автомобили, за да стигне до нечиј влез во пастелни бои.
Поминувам низ реката од триподи, куфери и светлосни рефлектори, видно лута.
Ова не е еднократно и не сум на филмски сет, ова е постојана непријатност, бидејќи живеам на инстаграмџиска улица.

Иако ова звучи како да е гламурозно место за живот, стана вистински пекол.
Во секое можно време, инфлуенсерите ќе се насадат на улиците и се поставуваат со часови. Во саботите е најмногу гужва, со редици до зад аголот, додека инстаграмџии и тиктокери си го чекаат својот ред.
Сега е сезона на цветање на магнолии и цреши, па можете да го замислите лудилото.
А кога ќе се покачат температурите? Ќе доаѓаат уште поголи.
Може да се видат како тверкаат во градините на моите соседи и по винтиџ автомобилите, еднаш дури видов и како поместуваат цвеќиња за да танцуваат пред врата.

