Ги шпионирал нацистите во Втора светска војна: Кој е Србинот што е инспирација за Џејмс Бонд?
Душан или Душко Попов бил таен агент за време на Втората светска војна. Нацистите го сметале за истакнат агент, кога тој всушност ги шпионирал за британската разузнавачка служба MI6. Иан Флеминг, авторот кој ги напиша книгите за Џејмс Бонд, лично го познавал и се претпоставува дека тој е најголемата инспирација за легендарниот таен агент.

Сите знаеме кој е Џејмс Бонд, легендарниот таен агент кој работи за британската разузнавачка служба MI6, кој има „дозвола за убивање“, сака да пие мартини и е голем заводник.
Досега се снимени над 20 филмови за Џејмс Бонд, а неговиот лик го глумеле низа славни актери – од Шон Конери до Даниел Крег.
Џејмс Бонд е лик што првпат се појавува во книгите на сер Иан Флеминг, но дали знаевте дека авторот се инспирирал од вистинска личност?
Иан Флеминг бил офицер во британската кралска морнарица, па го користел своето искуство за познатите книги.
Го инспирирале и други, вистински шпиони, но можеби најголемо влијание имал српскиот двоен агент Душко Попов кој бил активен за време на Втората светска војна.
Иан Флеминг и лично го познавал Душко Попов.
Што знаеме за „вистинскиот Џејмс Бонд“?
Душко (или Душан) Попов е роден во 1912 година во Србија во мошне богато семејство.
Се образовал во некои од најпрестижните училишта во Европа и уште во младоста научил да зборува неколку јазици, како италијански и германски.
Потоа студирал право на Белградскиот универзитет, а по дипломирањето се преселил во Германија.
Овде го запознал Јохан Јебсен со кој брзо се спријателил, а за кој самиот има напишано дека имале многу заеднички интереси, како спортски автомобили и жени.
Во период кога нацистите дошле на власт во Германија, Јохан и Душан делеле и нешто друго – нивната омраза кон нацистичката партија.
Душан бил особено гласен со своите ставови, дури и дебатирал со студенти нацисти, па почнал да го привлекува вниманието на тајната полиција (Гестапо).
Кога во 1937 година сакал да ја напушти Германија за да оди во Париз, Душан бил уапсен и однесен во затворот Freiburg.
Неговиот пријател, Јохан, веднаш го контактирал татко му, па по осум дена, со помош на властите во Југославија, Душан бил ослободен.
Благодарен за помошта што ја добил од Јохан, Душан му рекол дека ќе направи што сака за да му се одолжи.
Во 1940 година, Јохан го контактирал Душан за услугата што му ја должел. Се сретнале во хотел во Белград, каде Јохан му кажал дека ѝ се придружил на германската воена разузнавачка служба.
Иако ги мразел нацистите, Јохан сфатил дека ова е единствениот начин да го избегне одењето на бојното поле. Од Душан, пак, побарал да му помогне како разузнавачки агент.
Душан не сакал да застане на страната на нацистите, па ги контактирал британските власти. Но, тие му рекле да ја прифати понудата на Јохан, а нив, односно на MI6, да им кажува сè што ќе дознае.
Или, со други зборови, побарале од него да стане шпион.
