Мистерии решени со помош на Google Maps, од „обични“ луѓе
Убиства, исчезнувања… Многу луѓе сонуваат да се најдат во улога на детектив, а со Google Maps некои навистина имале можност да си ја исполнат желбата.

Ако сакате крими филмови, серии и книги, сигурно некогаш сте посакале да се најдете во улогата на детектив.
Благодарение на Google Maps, некои луѓе навистина ја имале оваа можност, па успеале да решат случаи кои претставувале мистерија некогаш и со децении.
Мистерии решени со Google Maps, од обични луѓе:
Исчезнувањето на Вилијам Молд
Вилијам Молд исчезнал во 1997 година, откако излегол од ноќен клуб во Флорида.
Тогаш 40-годишниот Вилијам ѝ се јавил на неговата девојка околу 21:30 часот, ѝ рекол дека оди накај дома, но оттогаш му се изгубила секаква трага.
Полицијата со месеци трагала по Вилијам и по некое време, случајот застарел.
Во 2019-та, цели две децении подоцна, случајот конечно бил решен.
Маж кој порано живеел во Флорида на Google Maps гледал сателитски снимки од неговото старо соседство, во градот каде што исчезнал Вилијам.
Во езерце во градот забележал дека има нешто необично што личи на потонат автомобил.
Веднаш му се јавил на пријател кој уште живеел во истото соседство и му рекол ако може да провери што има во езерото.

Пријателот искористил дрон за да го види езерото од птичја перспектива и потврдил дека внатре има автомобил.
Откако ја известил полицијата, автомобилот бил извлечен, а во него имало останки, за кои една недела подоцна се потврдило дека се на исчезнатиот Вилијам.
Според надлежните, Вилијам веројатно изгубил контрола над неговиот автомобил и паднал во езерото, но никој не ни помислил да го побара таму.

Крадците близнаци од Холандија
Во 2008-ма, 14-годишно момче од Гронинген, Холандија, било ограбено од двајца мажи.
Додека возел велосипед, го турнале на земја и му украле 165 евра, како и неговиот телефон. Иако пријавил во полиција, крадците сепак не биле најдени.
Неколку месеци подоцна, во 2009-та, на Google Street View, момчето ја разгледувало улицата на којашто било ограбено.
И, на негово големо изненадување, видело фотографија од него, на својот велосипед, со двајцата крадци веднаш зад него.
Лицата на Google Street View автоматски се цензурираат, па кога момчето го пријавило своето откритие, надлежните побарале од Гугл да им ги даде оригиналните фотографии.
Полицијата веднаш ги препознала крадците – 24-годишни близнаци кои веќе имале досие – и ги уапсиле.
