„Ја организирав евакуацијата по катастрофата во Чернобил – бев само по маичка и здолниште, несвесна за радијацијата“
„Првиот автобус пристигна во 14 часот. Стоев во мојата маичка и моето здолниште, со сандали, со голи стапала. Немав никаква заштита. Радиоактивната прашина беше насекаде и допре до моите стапала и нозе. Многу ме чешаа“, раскажува некогашната архитектка Марија Протсенко која помогнала во изградбата на Припјат, а потоа ја организирала евакуацијата на градот по хаваријата во Чернобил.

Поминаа точно 40 години од катастрофата во Чернобил, а последиците ги чувствуваа многу генерации подоцна.
Покрај 30-те лица кои загинале непосредно по експлозијата во реакторот, од радијацијата настрадале илјадници други луѓе – некои од таканаречената радијациска болест, а некои од рак кој се појавил како резултат на зрачењето.
На 26-ти април 1986 година, по експлозијата на реакторот во нуклеарната електрана се емитувала радијација со ниво од 10.000 рендгени на час – смртоносна доза за секој кој бил во близина на хаваријата само неколку минути.
Покрај вработените во нуклеарката, пожарникарите кои го гаснеле пожарот на реакторот биле изложени на истата радијација и скоро сите се соочиле со болна смрт.
Радиоактивниот облак од хаваријата почнал да се шири брзо и зафатил голем дел од територијата на Европа.
Работниците од нуклеарната централа живееле во Чернобил и Припјат – два града во кои живееле повеќе од 50.000 жители.
Овие луѓе биле изложени на најголем ризик по хаваријата, иако ретко се зборува за бегството од нивните домови.
По повод 40-тата годишнина од несреќата, National Geographic направи документарец – Chernobyl: Inside the Meltdown.
Во документарецот има интервју со Марија Протсенко – архитектка која живеела во Припјат кога се случила несреќата.
Марија била главниот архитект на градот и таа била одговорна за организирање на масивната евакуација на Припјат.
Ако некогаш Марија помогнала во изградбата на градот, сега главната задача ѝ била да го претвори во „град на духови“.
Вели дека во целиот хаос, морала да остави сè и избегала од својот дом само со маичка, здолниште и сандали.
„Првпат во мојот живот не градев град, туку го закопував засекогаш. Ова не беше само човечка грешка, ова беше катастрофа што ги уништи животите на илјадници луѓе“, раскажува Марија.
До 11 часот претпладне, следниот ден по експлозијата, била најавена масовна евакуација закажана за 14 часот.
Но, тогаш веќе било многу доцна – оние кои живееле во близина на електраната биле изложени на огромни дози радијација, а покрај воздухот, и храната и водата што ги консумирале биле загадени.
На себе Марија немала никаква заштитна опрема додека го организирала евакуирањето и се присетува дека стоела на мост додека гледала како пристигнуваат 1.500 автобуси за испаничените жители.
Целата ноќ ја поминала правејќи детален план за да се осигури дека ниту еден жител на Припјат нема да биде оставен.