„Ја организирав евакуацијата по катастрофата во Чернобил – бев само по маичка и здолниште, несвесна за радијацијата“
„Првиот автобус пристигна во 14 часот. Стоев во мојата маичка и моето здолниште, со сандали, со голи стапала. Немав никаква заштита.
Радиоактивната прашина беше насекаде и допре до моите стапала и нозе. Многу ме чешаа. Можете ли да замислите колку радиоактивна прашина имаше од електраната?“
Но, во тој момент, никој не бил свесен за размерот на катастрофата и луѓето не ни пробувале да се заштитат од радијацијата.
Луѓето не биле свесни и дека кога ќе го напуштат Припјат веќе никогаш нема да можат да се вратат во своите домови.
„Евакуиравме речиси 45.000 луѓе. Без паничење и врева, го евакуиравме целиот град. Се сеќавам на една жена, која ме гледаше од прозорецот на автобусот.
Не само што ме погледна, туку ме следеше со погледот. Имаше нешто на нејзиниот лице, како да ме прашува што се случува и каде ја носиме“.
Марија ни самата не била свесна дека нивото на радијација е огромно и дури откако влегла во автобус за евакуација почнало да ѝ станува јасно.
„Во тој момент не само што не се плашев од радијацијата, туку не ни мислев на неа. Проблемот е тоа што радијацијата не прави врева, како бомба.
Не гори како оган. Нема мирис. Не ја чувствувате веднаш, убива тивко, бавно. И, не сте свесни дека сте во опасност“.
Откако го напуштила Припјат, Марија вели дека имала постојана кашлица, главоболка, устата ѝ била сува, а нозете постојано ја чешале.
Радијацијата на којашто била изложена не била смртоносна, но вели дека до денес ги чувствува последиците.
„Веќе немам 40 години… Здравјето не ми е какво што ми беше како резултат на радијацијата пред толку многу години“.
Марија споделува и дека на почетокот надлежните криеле за колкаво ниво на радијација станува збор.
Не известиле навреме и поради ова луѓето подолго биле изложени на штетното зрачење.
„Ноќта беше чиста, топла и тивка. Жителите на градот спиеја мирно и никој не знаеше дека се случила катастрофа.
Информациите за ситуацијата со радијацијата ги чуваа во тајност“.
Марија сфатила дека ситуацијата е сериозна дури кога ѝ наредиле да го евакуира целиот град.
„До 18 часот го евакуираме целиот град. Градот беше празен, немаше ниту едно вклучено светло… Се чувствував малку морничаво“.
Во наредните неколку месеци по катастрофата, илјадници луѓе си го ризикувале животот за постепено да го изгаснат пожарот и да стават заштитна обвивка што ќе ја спречи радијацијата.
Огромен процент од овие луѓе добиле рак или се соочиле со други здравствени проблеми поради високото ниво на радијација.
Спирова С. | Црнобело