„Бев инфлуенсерка и го експлоатирав син ми за кликови – има Даунов синдром, го снимав и кога плачеше“
Набрзо каналот на Белен почнале да го следат 2.000 корисници, а во јуни 2017-та, видео од роденденот на Диего станало вирално.
„Му организиравме забава и тој почна да се однесува лошо, ни велеше да го оставиме на мир.
Но, јас продолжив да снимам. Бев изненадена што видеото стана вирално и бројот на следбеници брзо порасна до 50.000“.
Белен сфатила дека драматичните видеа привлекуваат повеќе гледаност, па почнала да ги снима децата во најтешките периоди – кога биле болни, кога Диего плачел, кога имал тантруми…
По околу десет месеци, Белен почнала да заработува од каналот, но била свесна дека ќе мора да продолжи да објавува, но и да добива нови идеи за содржини.
„Откако добив 100.000 следбеници во септември 2017-та, Диего си дојде дома со плачење. Мачка го изгребала на лицето.
Имав две реакции – првата беше олеснување што не е сериозно повреден, а втората беше да снимам видео“.
Белен објавувала многу вакви видеа, бројот на следбеници пораснал на 200.000, а во јануари 2018-та, била контактирана од агенција која ѝ понудила соработка со бренд.
Веднаш прифатила и почнала да заработува мошне солидно.
Вели дека го исплатила кредитот за станот, а себеси се убедувала дека им ја обезбедува иднината на децата со парите. Но, во реалноста, тие страдале.
„Мајка ми зборуваше само за Јутјуб. Стана нормално да ме снима додека сум во пижами и појадувам, или кога сум во продавница“, раскажува ќерка ѝ Џули.
Бидејќи Џули била задолжена за едитирање на видеата, вели дека немала време за учење и на 16-годишна возраст, морала да ја повторува и годината.
Се случувало луѓе да им доаѓаат дома бидејќи сакале да ги запознат, а откако Џули наполнила 18, имала и демнач.
„Испраќаше многу пораки и колку пати и да го блокиравме, повторно се враќаше. Користеше одвратни зборови, а истовремено велеше дека ме сакал.
За време на видео во живо со мајка ми, некој ја напиша нашата домашна адреса, па демначот испрати порака дека знаел каде живеам“.
Исплашени, тие се преселиле во друг стан.
Во меѓувреме, Белен почнала да добива коментари дека си ги експлоатира децата.
На почетокот ги гледала како коментари од „хејтери“, но во 2019-та ѝ станало јасно дека можеби се во право.
„Диего тогаш имаше скоро 17 години и имаше проблеми со здравјето кои не сакав да ги споделувам со никој. Ако го покажев на камера, ќе беше очигледно дека нешто не е во ред.
Ако не го покажувам, тогаш следбениците ќе сфатат дека кријам нешто…
За првпат почнав да гледам видеа кои ме критикуваат и навистина слушав. Ужасната, сфатив дека се во право“.
Кога Белен конечно решила да го избрише каналот, Џули вели дека почувствувала олеснување.
„Бев уморна. Не ја обвинувам мајка ми за лошата ситуација со демначот, но и јас бев загрижена за Диего и неговото онлајн присуство“.
Сега, шест години подоцна, Белен вели дека работи како дадилка и стои на ставот дека родителите не треба да ги користат нивните деца за онлајн содржина.
„Децата имаат свои права, вклучувајќи и правото на приватност. Не жалам што го избришав Јутјуб каналот. Само посакувам никогаш да не го направев“.
Спирова С. | Црнобело
