Тажната жена последна се смее – Дора Мар, талентирана Југословенка чиј живот за малку ќе го уништел Пабло Пикасо

На Теодора Марковиќ, ќерката на познатиот хрватски архитект Јосип Марковиќ, изгледа ѝ било судено да страда во животот.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso-01.jpg

Растејќи во Аргентина, каде што живееле нејзините родители, и Франција, каде што ја воспитувале баба ѝ и дедо ѝ, таа уште во детството била растргната од разделби, збогувања, постојани преселби и недостатокот на вистински дом.

Теодора израснала во несигурна убавица со лице на ангел и душа на ранета срна. Страдала од анксиозност, депресија и лесно се претопувала поради другите околу неа, губејќи го сопствениот идентитет.

Можеби ќе пронајдела трошка среќа покрај некој друг човек со подобра душа. Но, кога го запознала славниот Пабло Пикасо, Дора потонала уште повеќе во тага.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (1).jpg

Сензуална и интровертна, не било изненадување што Теодора Марковиќ била речиси хипнотизирана од уметноста. Таа се запишала на студии по сликарство во Париз, но набрзо се префрлила на студии по фотографија.

Современиците велат дека била исклучителен талент, особено помеѓу сликарите на портрети. Се дружела со сликари и поети од Париз и полека се афирмирала како уметник. Како 24-годишна девојка, Теодора отворила независно студио во Париз во 1931 година.

За да го прослави овој потег, таа го променила своето име во уметничкото – Дора Мар, што звучело поуникатно и повеќе шик.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (7).jpg

Судбоносна средба натопена со крв

Пикасо и Дора не се сретнале случајно. Во 1936 година на терасата на едно париско кафуле, Дора решила да го запознае овој познат и ексцентричен уметник, познат како по своите дела, така и по љубовните врски и скршените женски срца.

Знаејќи дека Пикасо го посетува тоа место, Дора била во друштво на пријатели, си играла со нож, го прободувала меѓу прстите и ја чекала средбата… Тоа било, според многумина, судбинска средба.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (8).jpg

Во еден момент, Дора промашила и ножот ѝ се заглавил во прстот. Пикасо бил маѓепсан од дивата убавица која толку лесно си играла на сечилото на ножот и речиси возбуден од глетката на елегантната ракавица натопена во крв.

Пикасо ја запрел крвта на Дора со марамче, ја зел ракавицата и ја ставил во џебот. Велат дека ја чувал како најголема амајлија во студиото до крајот на животот. Од тој момент, постоел само еден човек за Дора – Пабло Пикасо. И само една жена за него – Дора… Но, само за некое време.

Врска обележана со скандали

Инцидентот со ножот како да ја предвидел врската помеѓу Дора и Пикасо, која била сè, освен мирна. Уметникот, речиси 30 години постар од Дора, зад себе веќе имал безброј љубовни авантури, неуспешен брак со балерината Олга Хохлова и врска со неговиот модел, убавата Марија Тереза Волтер.

Аферата меѓу Дора Мар и Пикасо започнала речиси веднаш по нивната средба. Сликарот пронашол нова муза и не го криел ентузијазмот за ново пронајдената убавица.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (6).jpg

Средбата помеѓу двете љубовници била неизбежна. Се случила во студиото на Пикасо, а Дора и Марија на крајот буквално се степале, додека сликарот уживал гледајќи ги како се расправаат за неговото внимание и љубов.

„Нека победи подобрата“, рекол Пикасо.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (9).jpg

Подобрата, барем во тој конфликт, била Дора. По тепачката таа се преселила во станот на Пикасо. Марија Тереза морала да се исели од него заедно со нејзината ќерка Маја.

Пикасо го овековечил конфликтот помеѓу двете жени во сликата „Борба во кафез“, на која има два гулаби – црн што ја претставува Дора Мар, која ја победува белата птица што ја симболизира Марија Тереза.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (5).jpg

Жена која плаче

Како и Олга, Марија Тереза и сите подоцнежни љубовници на Пикасо, и Дора му станала муза на сликарот. Нејзината сензуалност и чувствителност станале негова неисцрпна инспирација. За време на бурната врска која траела речиси една деценија, Пикасо насликал десетици портрети со Дора.

На сите таа е прикажана како „расплакана жена“ – убавица со тажни, крупни очи која ја јаде некој внатрешен немир за кој не може да најде лек, а со тоа и мирот по кој толку многу копнее.

Пикасо рекол дека никогаш не може да ја наслика Дора како „жена што се смее“. За него, таа секогаш била жена облеана во солзи – убава, но очајна и длабоко осамена.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (10).jpg

Оваа врска, иако била интензивна и деструктивна, била и многу плодна.

Во 1937 година, Пикасо ја насликал „Герника“, неговото најпознато дело.

Дора Мар била единствената фотографка која го забележала создавањето на оваа слика од почетокот до крајот, па дури и самата насликала мал дел од композицијата.

Дора, според историчарите, била таа што му ја дала идејата за сликата и го водела Пикасо низ процесот на нејзиното создавање.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (2).jpg

Токсична љубов што ја натерала да се откаже од своите соништа

Пикасо љубоморно ја чувал Дора за себе, инсистирајќи да ја остави фотографијата и да се посвети исклучиво на сликарството.

Дора конечно попуштила, се откажала од областа во која била своја и оригинална и се свртела кон сликањето, кое наводно било само бледа копија на стилот на Пикасо.

За влошување на психичката состојба на Дора Мар придонеле многуте кавги со љубовникот кој почнал да се интересира за други жени, како и тоа што не можела да има деца.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (12).jpg

Како и Марија Тереза во минатото, и Дора Мар морала да се помири со фактот дека Пикасо нашол нова, помлада жена која го маѓепсала. 

Ја оставил поради 40 години помладата сликарка Франсоаз Жило во 1943 година.

Оставена сама, Дора доживеала нервен слом и долго време не закрепнала од него.

Наводно, психијатарот кој ја лекувал ја подложил на третмани со електрошокови, иако во тоа време веќе биле забранети.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (11).jpg

Пикасо ѝ купил куќа во која живеела целосно изолирана, сама и далеку од сè и сите, опкружена со предмети што ѝ ги подарил саканиот партнер во периодот на љубов и среќа.

Дури по смртта на Дора Мар во 1997 година, било откриено дека во одреден момент по раскинувањето со Пикасо, Дора продолжила да твори.

Во годините што следувале, нејзините слики и фотографии достигнале огромни суми на аукциите. За време на нејзиниот живот, уметницата никогаш не ги изложила јавно.

Dora-Mar-i-Pablo-Pikaso (3).jpg

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

20 совети до кои треба да се држи секоја жена (ако сака да биде вистинска дама) Бидете самоуверени во своја кожа и останете грациозни цело време. Бидете фини со...
Приказната за сестрите и внуците на Никола Тесла - кој го пронашол мртов и го донел неговото наследс... Благодарение на неговите пронајдоци и достигнувања, Никола Тесла денес е познат ...
Хипонотизирачка убавина, живот исполнет со мистерија и гласини за афери – Омилената манекенка на Кок... Во 1950-тите години на минатиот век, на нејзината убавина ѝ се восхитувал целиот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg