Лицето ѝ се дефомирало од болест, била нарекувана „најгрдата жена во светот“ – Тажната приказна на Мери Ен Беван

Животот на Мери Ен бил генерално добар – работела како медицинска сестра, била во среќен брак и имала четири деца. Но, откако лицето ѝ се деформирало поради болест и нејзиниот сопруг починал, Мери се вработила во циркус и трпела понижувања, само за да може да ги прехрани децата.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-01.jpg

Мери Ан Беван била родена во Англија во 1874 година, а работела како медицинска сестра. Таа била во среќен брак со сопругот Томас и заедно имале четири деца.

Животот на Мери бил генерално добар, но драстично се променил кога почнале да ѝ се појавуваат првите симптоми на болеста акромегалија и кога починал нејзиниот сопруг. 

Поради болеста, лицето на Мери Ан се деформирало, а со цел да ги прехрани своите дечиња, храбрата жена го погазила нејзиното достоинство и се пријавила на натпревар за „најгрдата жена во светот“.

Потоа, речиси целиот живот била дел од „шоу за чудаци“ за да може да заработи.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-06.jpg

Мери Ен била родена во Лондон на 20 декември 1874 година. Работела како медицинска сестра, а во 1902 година стапила во брак со Томас Беван. Заедно имале четири деца и животот им бил одличен, сè додека Мери не почнала да покажува симптоми на акромегалија.

Акромегалија е ретка хронична болест која се карактеризира со претерано излачување на хормон за раст. Симптомите од оваа болест почнуваат да се појавуваат најчесто по 50-тата година од животот, а кај Мери Ен почнале да се јавуваат кога имала 32 години.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-04.jpg

Поради претераното лачење на хормонот за раст, на заболените им растат коскените ткива поради што се јавуваат разни деформитети. Најчесто прво почнуваат да се зголемуваат дланките и стапалата, а со текот на времето се јавуваат и деформитети на лицето.

Поради растот, пак, заболените неретко чувствуваат болки, замор и бројни други проблеми.

Кај Мери Ен се појавиле деформитети на целото тело, а најизразени биле оние на лицето, па за неколку години нејзиниот изглед бил целосно променет и таа била непрепознатлива.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-02.jpg

Денес е познато дека во повеќето случаи, болеста е предизвикана од тумор на хипофизата кој може да биде отстранет. Исто така, можат да се направат и операции со кои ќе отстранат барем дел од деформитетите.

Но тој период, околу 1906-та, лекарите не знаеле практично ништо за болеста – не знаеле зошто се јавува, ниту дали може да се спречи нејзиниот прогрес, а уште помалку можеле да направат операција за да ги отстранат деформитетите. 

Мери повеќе не личела на себе, но нејзиниот сопруг Томас не се грижел за нејзиниот изглед, останал покрај неа и ѝ помагал да се справи со болеста.

Но во 1914-та, кога најмногу ѝ бил потребен, Томас починал од мозочен удар, па Мери останала сама со нивните четири деца.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-03.jpg

Поради болките, но најмногу поради деформираното лице, за Мери Ен било практично невозможно да најде работа и да ги прехрани своите деца. Не знаејќи што друго да прави, храбрата мајка го погазила своето достоинство и се пријавила на натпревар за „најгрда жена во светот“.

Мери победила на натпреварот и ова ѝ помогнало да собере доволно пари да си ги исплати долговите и да ги прехрани децата.

Поради натпреварот, за неа дознале бројни медиуми кои почнале да ѝ плаќаат за да ја фотографираат, па дури и за да пишуваат хорор-приказни во кои таа е главниот лик.

Благодарение на популарноста, во 1920 година Мери добила понуда да работи за циркусот Dreamland. Циркусот бил најпознат по своите „чудаци“ – ужасно име што се користело за луѓето со разни деформитети кои биле дел од циркусот.

liceto-se-defomiralo-od-bolest-bila-narekuvana-najgrdata-zhena-vo-svetot-tazhnata-prikazna-na-meri-en-bevan-05.jpg

Овие шоуа биле брутални и за Мери, и за останатите луѓе кои биле дел од нив – публиката постојано ги исмевала, ги нарекувала со погрдни имиња, па дури и фрлале со храна и предмети по нив бидејќи биле „грди“.

Мери Ен го трпела целото понижување само за да им овозможи колку-толку удобен живот на нејзините деца.

Таа била дел од вакви шоуа до нејзината смрт во 1933-та, на 59-годишна возраст.

Тажната приказна на Мери Ен одлично ја прикажува мајчината безусловна љубов кон децата. Таа без двоумење го погазила своето достоинство и трпела навреди и малтретирање само за нејзините деца.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Тажната жена последна се смее – Дора Мар, талентирана Југословенка чиј живот за малку ќе го уништел ... На Теодора Марковиќ, ќерката на познатиот хрватски архитект Јосип Марковиќ, изгл...
Приказната за сестрите и внуците на Никола Тесла - кој го пронашол мртов и го донел неговото наследс... Благодарение на неговите пронајдоци и достигнувања, Никола Тесла денес е познат ...
Хипонотизирачка убавина, живот исполнет со мистерија и гласини за афери – Омилената манекенка на Кок... Во 1950-тите години на минатиот век, на нејзината убавина ѝ се восхитувал целиот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg