Звукот на гумите од автобусот

Жената пред мене го бришеше прозорецот, си купуваше време со полни очи. Старецот спроти неа се обидуваше да заземе удобна местоположба, а неколкумина држеа книги в раце и очигледно беше дека никако не беа дел од 'сега' и 'тука'.

zvukot-na-gumite-od-avtobusot-01

Совршен момент за пуштање на сите грешки од оваа недела и пополнување на местото каде требаше да има лекција за самоказнување. Да не мислам никогаш многу не ми успеваше.

Jас бев онаа со многу мисли, а многу малку зборови. И овој пат сакав да одам побрзо од минутите ама звукот од гумите на автобусот беше посилен од моите мисли, што признавам доста ретко се случува. Ги затворив очите и како во фаза на полусон почувствував дека се враќам. Не брзав.

Прво лево, па десно. Погледни прво лево, па десно и тогаш помини! - тоа беше мојот глас, само во некоја многу помлада верзија. Стоев на крстосницата близу до мојата улица, со ранчето на рамо на пат кон школскиот двор. Прваче.

Тогаш покрај мене поминаа две девојчиња од осмо одделение. Можев да си ги прочитам мислите. Им завидував. Сакав за една секунда да пораснам седум години. Сакав да бидам тие.

zvukot-na-gumite-od-avtobusot-2.jpg

Следниот момент седев на училишната клупа, а на вратата пишуваше 8-мо А. Еве ме таму каде што сакав. Љубопитноста - повеќе грешка отколку доблест. Мојот мал свет сакаше да биде голем.

Сакав уште неколку години. Сакав да зборувам за долги и убави фустани со другарките. Сакав да одберам долг, црвен фустан без прерамки. Сакав да одам на високи потпетици и сè што би морала да правам за тие триесет минути - да се грижам да не ми падне насмевката од лице.

Еве ме. Насмевката од лице не ми паѓаше. Ни дождот не беше некој битен фактор, а сепак ги бришеше сите мои желби освен онаа да го замрзнам тој момент кога веќе не можам да го продолжам.

Верувајте ми дека бев убедена дека ако тогаш ја кренев раката ќе можев да ги дофатам ѕвездите. Можеби не беше онака како што замислував, но беше три пати позначајно. Можеби не чекорев во црвен фустан, но зелената боја ни сега за ништо не би ја заменила.

zvukot-na-gumite-od-avtobusot-1.jpg

Сега не сакав уште години. Сакав да останам таму, да останам заглавена во тој зелен фустан и засекогаш осудена да ги имам околу мене луѓето кои без двоумење знаеја да ми речат:

- Па, искрено ова и не ти беше многу во ред.. или... - Што знам.. си имала и подобри одлуки... - без да се плашат од тоа дека тоа ќе ни биде последната конверзација или дека ќе ја свртам главата и ќе заминам.

Но, го направив тоа. Ја свртев главата и заминав. Сите го направија тоа. Ги свртеа главите и си заминаа. Како илјада различни бои, која од која нанесена подалеку на едно огромно платно, заминавме. Заминавме да градиме нов живот.

Заминавме без да знаеме дека корените не можат да станат хартија, дека гласовите кои со тебе пораснале не можат да бидат заменети со нови и дека главите може да се свртат, но срцата не. И заминав. Но, моите мисли не.

zvukot-na-gumite-od-avtobusot-3.jpg

Во моите мисли останавме истите оние насмевки кои чекорат во различни бои небаре го освоиле светот. Во моите очи останавме истите оние контури на лица на кои и кога староста ќе им се заканува со заборав, никогаш нема да бидат заборавени.

Во моите уши останавме истите гласови кои правеа заеднички грешки, учеа заеднички лекции и заедно растеа. Во моето срце останавме оние исти лица кои силно сакаа да побегнат од монотоноста и градот, а не можеа да сфатат дека посилно ќе сакаат да се вртат. Во мене останавме ние.

Ете затоа денес го сакам звукот од гумите на автобусот, зошто ме потсетува дека сите други звуци освен нашите гласови ќе ми бидат туѓи. Ете затоа толку ги сакам овие ноќи меѓу целосни странци, зошто ме потсетуваат дека вие никогаш нема да бидете тоа.

Ете затоа толку го сакам човекот зад воланот, без разлика на лицето зошто само тој успева да ме оттргне од мислите и да ми ја врати реалноста. Да ми ја врати топлината. Да ме врати дома!

Автор: Maja Kалаџиска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg