Пуста да е туѓината, таа од либето ме раздели...

Беше рано изгрејсонце. Облаците беа натежнале исто како мислите во мојата глава. Сонцето срамежливо ги пружеше своите зраци. Патував кон Скопје. За неколку часа требаше да полетам и побегнам од сопствениот затвор и да ги остварам своите соништа. Со возбуда го влечев куферот, не свртувајќи се назад оти за мене само ѕвездите беа граница.

pusta-da-e-tuginata-taa-od-libeto-me-razdeli-01.jpg

Времето брзо минуваше, оти тоа е време. И ете ме денес повторно овде, повторно на истата аеродромска писта. Но, сега нервозно гледам во таблите на  кои го пишува времето за заминување. Погледнувам на часовникот и почнувам да го влечкам тешкиот куфер по мене. Овој пат јас не заминувам. Јас останувам да испраќам и пречекувам.

Сега плачам. Плачам гласно. Се плашам од далечината, се плашам од километрите меѓу нас, се плашам оти незнам дали ќе издржам да го дочекам, да не подклекнам та да се предадам.

Мамо, сега ја разбирам твојата болка. Сега знам зошто кога ќе стигнев во мојот нов дом во далечната туѓина во куферот секогаш ми недостасуваше едно парче од мојата гардероба. Многу добро разбирам мамичке зошто си ми ја крадела неиспраната блуза со оправдување дека си заборавила да ја испереш оти останала во корпата за нечисти алишта.

И јас му ја украдов мајче “неиспраната” блуза. Но, се плашам мајко дека мирисот брзо ќе изветрее. Се плашам дека утре нема да мириса на него. Се плашам дека кога ќе ги отворам очите креветот ќе ми биде празен, дека перниците не можат да ми ја подарат неговата прегратка, нема да ми ги бришат солзите, нема да бидат иљач за моите рани.

Татенце сега ја разбирам и твојата болка. Разбирам татенце мој зошто никогаш не ми мавтеше со рака кога стоев пред шалтерот за проверување на патната документација. Боли далечината татко. Боли оти го гледаш саканиот од далеку, иако е само десетина метри од тебе оддалечен не можеш да го прегрнеш, а толку посакуваш да се стрчаш кон него, да го дофатиш за рака и никогаш да не го испуштиш.

Братче мое сега знам, сега и јас разбирам зошто ти никогаш не дојде на аеродромот да ме испратиш. Секогаш имаше изговори, опрадувања дека имаш за учење. А, јас ќе ти се налутев.

И јас не сакав да одам на аеродромот братче мое, сакав да останам во неговата соба, онака како што правеше ти по секое мое заминување. Сакав да ја прегрнам неговата перница и да не мислам дека сум далеку од него.  

Сега кога гори и мојата душа ја сфаќам болката на содржината на сите печалбарски песни. И јас безосетно леам солзи кога ја слушам песната туѓината пуста да остане.

Сакам само врапче да се сторам, та преку океан да прелетам.

Проклета да е Америка, проклета да е туѓината, проклета да е далечината што само солзи раѓа!

Автор: Нада Костадинова

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg