Ако не ти, кој? Ако не сега, кога?

Еј застани. Кај бегаш? Зарем досега не сфати дека нема бегање? Колку далеку и да одиш, со себе се носиш. Во ред е. Седни, смири се. Во ред е да си збунет, во ред е да си изгубен. Во ред е да не знаеш што со себе.

ako-ne-ti-koj-ako-ne-sega-koga-01.jpg

Не е во ред  да бегаш, не, воопшто не е во ред. Нема да успееш да избегаш, никогаш. Каде и да одиш, со себе тежок товар ќе си носиш. Затоа собери ја сета храброст, седни и подразмисли: Зошто мислиш така како што мислиш? Што и кој те навел? Твои или усвоени мисли се? Ако е второто, стани, спротивстави се. Немој да дозволиш некој садејќи сомнеж во тебе, да го живее твојот сон. Во ред е, сосема е во ред.

Сите сме поминале низ страшни невремиња, бури на кои крајот не им се гледал. Па еве нè, тука сме.

Јас, ти, тој, таа, види, сите нè има. И никој не ти е непријател, престани така да гледаш на нештата. Посебен си баш таков каков што си.

Светот има огромна потреба од тебе, изворното тебе. Исто како што има и од мене и од оној кој го мразиш.

Сè е таму каде што е, бидејќи токму таму му е местото. Во паралелни времиња, сè би било многу поразлично. Но, не е. Сè што имаме е сега и тука. Вчера го немаш повеќе. Колку и да било прекрасно, жалам - завршило. Колку и да било болно, честитам - завршило. А, како ќе биде денес зависи само од тебе. Од тебе и твојата присутност во моментот. Токму со тоа и ќе си го изградиш своето утре.

ako-ne-ti-koj-ako-ne-sega-koga-1.jpg

Размисли дали сакаш да се предадеш на очајот и агонијата. Размисли, но внимателно. Тоа мало ѓаволче кое живее во тебе и те тера да кренеш раце, истото тоа кое неуморно е тука да ти ги наброи сите причини поради кои не би успеал, нема да ти го врати овој ден.

Во првиот момент кога ќе го послушаш, ќе се нахрани и ќе добие енергија за повеќе и повеќе. Ќе те јаде, ќе ти презентира негативни реалности и знаеш што е најтрагично? Во твои очи ќе биде најдобриот пријател кој всушност само ти ја кажува вистината, те штити од падови. А, не е така, јас те уверувам дека не е така.

Во моментот кога ќе се ослободиш дури и од најголемиот страв, ќе сфатиш дека ништо од тоа нема моќ над тебе. Дека сега и тука можеш сè.

И ќе ти биде убаво, навистина ќе ти биде. Ќе ти биде толку убаво што ќе сакаш уште и уште. И ќе добиваш. Животот е тука во секој момент да ти го даде она кое ти го посакуваш. За животот нема соништа преголеми за остварување, нема нешто претешко за достигнување. Тоа го има само во твојот ум, заглавен во наметнати параметри и нечии туѓи (не)верувања.

Размисли во колку ситуации си се оттргнал самиот, свесно од она што најмногу си го сакал. Зошто?

Си сметал дека си недоволен за да го имаш она за кое копнееш. Не си достигнал даден стадиум од животот, си погрешил тука, си погрешил таму.

Знаеш што? Ниту еден од тие настани ја нема моќта тебе да те оттргне од твоите соништа. Ниту еден. Твојата перцепција за истите е она што стои меѓу вас.

Знаеш што е одличното тука? Тоа што кога ќе ги сфатиш овие работи, усвоиш како лични вистини, е тогаш веќе сè е твое.

ako-ne-ti-koj-ako-ne-sega-koga-2.jpg

Дури  и кога се справуваш со најголемиот проблем, ти всушност се справуваш само со мисла. Колку бизарно и да звучи, едноставно е и така е. И тоа не е сè. Има уште една олеснителна околност. Мислата е само твоја. А, нешто кое што е само твое, ти го контролираш. Ти одлучуваш што ќе правиш со него и ти го менуваш. Што значи дека ти си апсолутно слободен да ја смениш својата мисла. Ја смениш ли, ја менуваш и својата реалност.

Како? Звучи премногу едноставно за да биде реално? Да би било така сите би го правеле тоа? Епа баш од причина што сите размислуваат баш вака како тебе и не веруваат во моќта и едноставноста, не се ни обидуваат истово да го применат. Или пак во првиот момент кога ќе почувствуваат тешкотија се откажуваат. И затоа сме сите баш таму каде што сме.

Поради своите лични верувања и убедувања.

Јас со своите убедувања си ја креирам својата реалност исто како и ти со твоите. Сè е понатаму сплет на луѓе и случувања. Кога ќе седнеш да подразмислиш подлабоко, самиот пред себе свесен си дека сè што ти се случило ти се случило, бидејќи длабоко во себе си верувал дека го заслужуваш истото.

Колку и да е тешко тоа да го признаеш пред останатите, пред себе би требало да ја имаш храброста да си искрен. На овој свет не постојат луѓе родени под среќна ѕвезда исто како што не постојат ни баксузи. Постојат само луѓе кои одлучуваат едното или другото да бидат.

Со самото менување на начинот на размислување, ги менуваш и животните искуства, луѓето.

"Случајно" успеваш да најдеш паркинг точно пред Излет. " Случајно " не те фаќа гужвата што толку те вадеше од такт секое утро. Па и момците во бифе се денес префини со тебе, што ли им се случило? На нив конкретно ништо, на тебе многу. Еј, на кафе случајно налета на момчето/девојката што со месеци се обидуваш да ја сретнеш. Еј, па види колку е фин/а со тебе. Леле, што им е на сите денес? Па дури и твоите се невообичаено фини со тебе?

ako-ne-ti-koj-ako-ne-sega-koga-3.jpg

Сите тие биле такви и вчера и завчера, ама ти не си привлекувал такво искуство кон себе, бидејќи некој и вчера си го нашол своето идеално паркинг место. Ја избегнал гужвата. Си го сретнал девојчето/момчето. Па дури се договориле и вечерта на пијачка седнале.

Сега ти е на тебе редот. Да бидеш среќен. Да сонуваш големи соништа. Верувај ми, сите соништа  тука се за да ти се исполнат. Фокусирај се на нив. Сè си имаш, сè можеш. Никој не ти стои на патот. Од никој не ти зависи среќата. Нема несреќни околности, нема погрешен тајминг, нема несреќни љубови.

Мојот сон не е ист како твојот. Единственото нешто кое им е заедничко е тоа што се подеднакво вредни за остварување. Само кога би ја имале смелоста да се фокусираме на своето, ќе увидиме колку ништо од никого не ни зависи, колку немаме потреба од омраза и завист.

Нов ден е. Направи нешто со кое ќе се гордееш. Собери храброст и запрашај се: Ако не јас, кој? Ако не денес, кога?

Автор: Софија Филиповска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg