Кој е најважниот човек кој ти треба во животот?

najvazniot-covek-koj-ti-treba-vo-zivotot-e-vo-tebe-01.jpg

Верувам дека во животот се живее баш за овој момент. Кога повеќе не е важно. Кога повеќе ништо не е важно. Важен е само еден човек.

Еден лик од кој најдобро си видел. Лик кој секогаш бил тука, не те оставил во најголемата агонија, те сакал кога најмалку си бил за сакање и ти верувал. И кога си ги правел најпогрешните избори и кога си се давал целосно на луѓе кои ни влакно не заслужиле.

Лик кој најмногу ти се радувал на успесите и те бодрел. Колку и ти да си се обидувал да го замолчиш. Да го убедиш дека не е во право. Дека не можеш. Еј колку смешно, не можеш.

Лик кој секогаш бил во право, колку и да не си сакал да му поверуваш.

Еј ти, што во сиот овој опис пронајде некој странец, другар, другарка, сопатник, свесен ли си колку грешиш? Свесен ли си дека овој опис го исполнуваш само ти самиот? Да, за тебе - само ти. За мене - само јас.

Многу е неблагодарно да си благодарен на сите околу тебе, а за себе трошка да оставиш. Многу е иронично на сите да им посакуваш среќа, а себеси само во лоши описи да се пронаоѓаш.

Седни малку, подзамисли се. Остави ги сите на страна, минувачи се верувај ми. Ти си постојаниот, константниот. Со што си го заслужил лошиот третман што го имаш кон себеси самиот?

Замисли две ситуации.

Во првава, замисли ја личноста која се имаш убедено дека најмногу ја сакаш. Сега кажи ѝ ги сите работи кои секојдневно си ги кажуваш на себеси самиот. Направи и сè што секојдневно си правиш на себе. Ама сè, без исклучок. Развиј чувства кон неа какви што секојдневно имаш кон себе.

Ако сето тоа се зборови на љубов, поддршка, верба, среќен си, си ја поделил среќата а само така таа расте.

Но ако тоа е демотивација, омраза, неверување, деструктивни навики, запрашај се со што си ја заслужил личноста? Мислиш дека кој и да е, би останал и покрај тоа крај тебе? Јас не верувам.

Па што си должен тогаш ти самиот да го поднесуваш сето тоа? Што толку си згрешил на самиот себе, да си чиниш нешта што ако си добар човек ни на душман не би му ги сторил?

А сега вторава ситуација. Замисли ја повторно личноста која ја цениш, сакаш и почитуваш најмногу во животов. Сега таа личност го мисли за тебе сето она што ти го мислиш за себеси самиот. Не само што го мисли, туку и гласно ти го кажува. Секојдневно те уверува, до степен што мислиш дека е тоа твојата реалност и ти си токму таков. Ти прави сè што си правиш на себеси самиот. Ти посакува сè што ти си посакуваш. Уште колку време ќе биде личноста што најмногу ја сакаш?

Ако сето тоа се позитивни искуства, мисли, честито. Еден си од ретките. А ако не се, таму пронајди си го одговорот за сето она кое не ти чини, за кое не си задоволен.

Заради тоа што сето она кое што мислиш дека треба да го имаш, да ти се случи е замка. Не постои нешто неотуѓиво, нешто безрезервно за тебе освен самиот ти. Не знам со кои верувања си израснат и како овој живот го имаш замислено, ама ова се некои од основните вистини. За кои за жал не се учи на училиште. Те учи животот. Сакал или не сакал. Ама ќе те научи. Твое е да го прифатиш како апсолутна вистина. И тоа што поскоро. За свое лично и себично добро.

Знаеш зошто?

Бидејќи тогаш сечие мислење ќе биде сосема неважно.

Сечија постапка со цел да бидеш повреден, ќе биде само нивна лична карма.

Секое негативно искуство, ќе го земеш како позитивна лекција.

Секоја болка ќе те направи посилен.

Своите соништа ќе ти бидат единствениот приоритет.

А не луѓето кои во истите ќе те поддржат.

Бидејќи најважниот човек веќе ќе го имаш крај себе.

Човекот кој најмногу ги сака, поддржува и разбира твоите соништа.

Човекот кој знае дека сè што си замислил, ќе стане твоја реалност.

И само тој човек ти треба и крај себе и во тебе.

Понатаму остави на магијата, да си го направи своето.

Да ти донесе едно чудо големи луѓе што ќе те поддржуваат.

Ќе те сакаат со сите твои грешки и демони.

Луѓе пред кои ќе бидеш бесрамно ти.

И ќе чувствуваш дека сè е во ред со тоа.

Ќе ти биде сосема нормално луѓето да те прифатат и тогаш кога си најтежок за прифаќање.

Сето она за кое толку си мечтаел толку лесно ќе стигне до тебе.

И тогаш ќе знаеш дека си на правиот пат.

Ти, токму ти.

Автор: Софија Филиповска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg