Птиците што ги напуштаат сопствените гнезда

Дом, семејство и спокој - мали зборови со голема улога во животот на секој човек.

pticite-sto-gi-napustaat-sopstvenite-gnezda-01.jpeg

Што е домот? - Тоа е оној простор каде се чувствуваш сигурен.

Што е семејство и кои се тие луѓе? - Тоа се тие луѓе кои ти подаруваат љубов и го оформуваат зборот семејство кој претставува нашето најголемо богатство.

А што е пак тоа спокој? Со други зборови - тоа е чувството на мирот.

Верувам дека секој човек ги пробал вкусовите на сигурноста и дека сè би направил да ги вкуси барем уште еднаш во својот живот. Но, каде и кога се губат ваквите вкусови? Зошто постојано не се засладуваме од вкусот на мирот? И зошто кога се одделуваме од семејството го губиме чувството на сигурност и заштита?

Па, да домот е нашето прибежиште, нашата соба е нашето сопствено животно катче, a нашето семејство нашата крајна потпора. Tешка е разделбата со своите најмили, тешко е да го напуштиш сопствениот дом, тешко е да се разделиш од она на кое целиот свој живот си гледал како единствено сигурно место на овој свет.

Додека животот е непредвидлив и додека секое ново утро те изненадува со своите звуци, ти станува јасно дека одредена половина од твојот живот поминал. И како што кога птиците веќе можат да одлетаат од своето гнездо и сами да си пронајдат храна и да започнат да градат некое ново сопствено гнездо, така и ние луѓето зачекоруваме низ скалилата на животот барајќи си го новото животно катче.

Ги напуштаме гнездата каде сме биле среќни и тажни, полни со љубов, понекогаш и со болка. И како и птиците што на есен си одат на југ, така и ние чекориме низ животот барајќи ја светлината. Знаеме за птиците дека наредната пролет ќе се вратат и дека ќе го обноват гнездото кое го направиле на нашата куќа, но дали и ние луѓето ќе се вратиме како нив? Дали и ние ќе го обновиме стариот и детски дом, старото животно катче?

Дали каменот на потеклото, детството и спокојот ќe бидат доволно тешки и незаменливи да нè вратат онаму каде започнавме сè? Дали ќе бидеме птици кои засекогаш ги напуштиле своите гнезда, или пак ќе се вратиме еден ден повторно да го почувствуваме чувството на мирот и безгрижноста исто како кога бевме деца?

Сите овие прашања останува да ги одговорам со текот на мојот живот. Но, посакувам еден ден да се вратам онаму каде што ги направив првите мои чекори, каде го изговорив мојот прв збор, каде за прв пат почувствував љубов и болка, каде за прв пат имав победи и порази. Тогаш да направам едно патување низ мојот живот и повторно да го вкусам вкусот на мирот и безгрижноста.

Автор: А. Тина

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg