Ова утро за првпат не го бакнав пред да излезам од дома

Ова утро за прв пат не го бакнав пред да излезам од дома.        

ova-utro-za-prvpat-ne-go-baknav-pred-da-izlezam-od-doma-01.jpg

Секое утро станувам без аларм, затоа што секогаш се будев далеку пред тој да заѕвони. Се поткревам лесно, ја туркам топлата прекривка и полека, нечујно се извлекувам од топлата и мека постела.

Се вртам да го погледнам, мирно спие. На прсти, тивко, полека лебдам до вратата. Ја отворам бавно, но брзо се провлекувам низ тесниот отвор и ја затворам за да не ја исполни собата светлина која ќе му го наруши сонот.

Малку послободно, но сè уште тивко, одам до бањата. Влегувам и почнувам со утринските ритуали. Се туширам набрзина и притоа внимавам да не испуштам нешто, па да тресне долу и да ја наруши тишината.

Безуспешно, ми паѓа капачето од гелот за туширање, се тркала, тропка се удира и одѕвонува.

Ги затворам очите, ги стегам забите и наслушувам. Ништо. Тишина е. Не се разбудил.

Излегувам, мијам заби и завршувам со тоалетот.

Одам во кујна. Ставам вода за чај, го вадам млекото од фрижидер. На ред е облекувањето. Тука сум тивка, освен што дишам. Се облекувам нечујно, ја лизгам облеката по мене. Го ставам чајот.

Ставам парфем, косата ја средувам и малку шминка додека го пијам чајот.

Во чинија му ставам мусли, две лажици експандиран ориз и една лажица сончоглед. Врз неа нож и банана. Млекото го оставам крај нив. Земам јаболко, круша или мандарина и му ги оставам до телефонот за да бидам сигурна дека ќе ги види.

Правам сендвичи за себе и за него додека го допивам чајот. Му го оставам неговиот врз чантата за на работа.

Време е да одам. Ја отворам вратата од спална, влегувам тивко, се потпирам на креветот, се навалувам до него и го бакнувам и шепотам.. те сакам. Тој спие.

Понекогаш останувам неколку секунди подолго за да видам ако се насмее, да не прошепоти „те љубам“ случајно... Најчесто се врти на другата страна.

Излегувам од спална, но ја оставам вратата отворена, за кратко треба и тој да стане.

Излегувам надвор. Врне. Го отворам чадорот и забрзувам кон автобуската. Доаѓа автобусот, се качувам и седнувам горе на крај. Гледам низ прозорецот и плачам.

Добивам порака: „Зошто не ме разбуди, врне истура требаше да те однесам?“.

Враќам: „Во ред е веќе стасав, не сакав да те будам жал ми беше“.

Враќа: „Добро лепотице фала ти.“                                                                                 

Ова утро за првпат не го бакнав пред да излезам од дома.

Не знам дали ќе го бакнам и утре, не знам и дали ќе врне. Знам само дека нема да плачам. Ни утре, ни никогаш повеќе.

Барем не поради него.

Автор: Алиса

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg