За сè што сме поминале и она што не чека

Одев многу, многу одев. По пат што навидум понекогаш ништо не нудеше. Небаре некој од горе трња посеал и ме тестира колку можев да издржам.

za-se-shto-sme-pominale-i-ona-shto-ne-ceka-001.jpg

Според сè што дотогаш знаев, за добрите патот не требаше таков да биде. Дали тоа ме сместува во „другите“? - се прашував.

Тук - таму некој шум ќе понудеше некој одговор. Блед, нејасен. Многу зборови што ништо не кажуваа. И тешко беше понекогаш, да. Заробена помеѓу тоа што сметав, силно се убедував дека го заслужувам и она што го добивав - никакво, според мене.

Со многу луѓе се сретнав.

Со интересни ликови, на кои бргу траг им се губи.

Со ѓаволи скриени под ангелска маска.

Со ликови, кои неблагодарно цицаат сè од тебе, па сето стекнато знаење во даден момент го користат против тебе.

Со такви кои имаат многу да ти дадат, но само за утре да можат да се пофалат дека ти дале.

Имаше и такви за кои мојата претстава беше далеку порозова од нивната природа.

Во моментот кога овие последниве се обидов да ги променам во својата замисла за нив, сфатив - Човека ти не го менуваш.

Не, не, ниту се обидуваш.

Го прифаќаш, таков каков што е, со сè што има да ти понуди.

Ако ти одговара, одлично, имате цело патешествие заедно да изодите. Ако не, го пушташ да оди по својот пат, а ти продолжуваш за уште едно искуство побогат.

И затоа сега, после многу поминато, љубопитно продолжувам да чекорам. Да, и јас многу пати не знам точно во која насока. Ама правам уште еден чекор, најпаметна инвестиција е, секогаш.

Продолжувам да чекорам со срце кое до крај ќе му пркоси на злото кое владее и ум што засекогаш ќе се обидува да се ослободи од сите очекувања и ограничувања на модерното време.

Зошто кога објективно ќе погледнам на нештата, знам дека секоја солза морала да биде пуштена во дадениот момент. За денес да знам дека на болката не смее отпор да и се пружи. Мора да се прифати, за поскоро да замине и за истото да не се врати.

Секој погрешен човек, морал да пушти чекор со мене, за да ме научи да си ги ценам вистинските.

Секое предавство сум морала да го преживеам, за да сфатам дека луѓето од своја болка те предаваат. Тоа најчесто нема ништо со тебе.

Секоја навреда, сум морала да ја поднесам, за да се научам ништо да не сфаќам лично. Луѓето така си ја рефлектираат својата реалност, која најчесто е многу негативна.

И за крај, морав да љубам, да давам безрезервно, за да сфатам - тоа е единственото нешто, што засекогаш останува да живее!

Автор: Софија Филиповска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg