Сврти се наоколу, погледни ги туѓите животи и прашај се: Што уште сакам јас?

Беше петок, последната недела од декември. Студот печеше. Завршувајќи го работниот ден, ми беше мило што викендот е пред мене. Неделава ми помина како на трња. Кај згазни – боцни се.

svrti-se-naokolu-pogledni-gi-tugjite-zivoti-i-prashaj-se-shto-ushte-sakam-jas-01.jpg

На работа сите ко темпирани бомби. А, јас – секогаш таква и во најдобрите денови. Пеколен темперамент од мала, како што растам станува се полошо. Цела недела си наоѓам по некој да си се потскарам.

Јован веќе не ми се јавува. И во право е. Ја прегазив секоја граница, секоја црвена линија. Навистина е трпелив, но јас се однесувам кон него како со рептил. Недефинирана сум и разгалена. Па му скисна – оправдано! Не е ова детска игра, не сме средношколци.

Целиот негов напор да ме разбере, да ми се приближи јас го фрлам во вода, му бегам, студенеам пред него, а тој... па веќе ја тресна вратата и си отиде.

Но, обично би ме побарал. Би стегнал заби, би се сетил колку ме сака и би се јавил. Би дошол. Не и сега.

Победи кучката во мене. Премногу горда и инаетлива да му се јави. А, за него би сторила сè.

За него имам љубов голема колку опсегот на ѕвездите. Но... не знам тоа да го кажам. И така, поминаа 4 дена без да го видам, без да ме гушне, без да ми каже – не грижи се, да ме бакне во чело и да отиде по чоколадо. Ќе поминат и уште толку, и уште толку... и ќе го нема.

Го исклучив светлото, си ги собрав работите и излегов. Беше премногу студено за да чекам автобус, па решив да пешачам. Се лутев на декември, се лутев на работата, на обврските, се лутев на Јован, и на крај – на себе, главниот виновник за сè.

Ха, супер, сега почнуваше и да снежи! Се чудам на човечкиов ни род: како успеваме се да уништиме, да закашкаме до највисок степен? Сè сол да сториме? Едноставното да го сториме комплицирано, а потоа уште покомплицирано?

Седнувам на една од клупите кај фонтаната. Веќе не ми се шета. Едвај и да ми се дише. Мирисот на топла храна се шири од ресторанот на плоштадот.

Одеднаш, како пресечен, снегот престанува да паѓа и како тоа да е причината што минувачите решаваат да ги пополнат празнините на шеталиштето. Сè некако станува весело.

Погледот ми паѓа врз нешто шаренко, склопчено покрај ѕидот на ресторанот. Тоа е дете. Девојче на возраст од шест или седум годинки. Со сонливи очи седи на измрзнатиот под, „заштитен“ со некаков валкан картон. Трепери цело и гласот му трепери, нудејќи им на минувачите да купат едно пакетче од многуте марамчиња што ги продава по 10 денари.

Има големи зелени очи, коса со боја на мед и малку нечисти, но преслатки образи. Рачињата ѝ се коскести, а прстињата розови од студот. Тоа девојче од едвај 20 килограми, тоа злато чии рачиња никому не нанеле зло, е принудено САМО да чекори низ неправдата наречена живот.

Принудено е да ЗНАЕ да продава, да ЗНАЕ да зборува, да ЗНАЕ да склопи зделка без ракување, да ЗНАЕ да преговара. Да студира во факултетот на животниот универзитет. Додека некој на телевизија се препукува околу тоа кој украл повеќе, ова девојче и уште илјадници како него вистински СЕ БОРАТ за подобар живот.

Момчиња и девојчиња принудени да се соочуваат со студени снегулки, студени ноќи, студени погледи од чичковците и тетките како на пример мене: незадоволни од  „суровиот“ живот, незадоволни од своите партнери, сопруги и сопружници, од своите деца, разочарани од измамата на колегите, разочарани од Бога. Па, што уште сакаме?

Што уште сакам јас?

А, Нова година е. И за тоа мало треперливо душиче доаѓаат празници. Се ближи Божиќ.

Сјајот на светликавите градски украси ми ги заслепи очите. И почнав да плачам. Плачев како дете.

Па имаш човек што те сака глупачке. Имаш родители кои цел живот те поддржуваат и те сакаат. Имаш сестра која секогаш умее да те насмее. Имаш покрив над глава и леб на маса. Имаш сè, сè што може да се има и да се посака.

Немаш само причина за кукање. Самата си сведок дека сè во животот доаѓа. Порано или подоцна. Престани да се муртиш и да се однесуваш како Хитлер кон сите.

Среќата е како тенок конец од свила, будалче, вткаена во сечија животна мрежа. Помини си низ косата со прстите и ќе ја видиш. Таа речиси никогаш не се појавува сама.

Станав од студената клупа и му пријдов на девојчето. Ме погледна со огромните зелени, сонливи очи и се насмевна: „Сакаш да купиш марамчиња, тето?“.

„Не, сакам да ти купам вечера“ – возвратив со насмевка.

Ја прифати мојата подадена рака, ги собра марамчињата и неколкуте банкноти од по 10 денари и заедно влеговме во ресторанот.

Потоа му заѕвонив на Јован.

Одеднаш, студот го немаше, а душата ми се исполни со необична топлина и некоја долго, долго очекувана радост...

Автор: Н

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg