Работите кои не можеш да ги имаш се оние најслатките

Често како мал, пред Нова година, кога моите требаше да ми купат подарок, долго се двоумев. Имаше толку многу работи, толку многу различности, а работите изгледаа толку исто.

rabotite-koi-ne-mozes-da-gi-imas-se-onie-najslatkite-01.jpg

На крајот ќе изберев она што најмногу ќе ми се допаднеше од монотонијата, ќе ми го купеа и ќе бев среќен, ама не завршувавме тука.

Следен е подарокот за мојата сестра, за братучедите, а и подароците за моите другари беа тука. Сепак, секогаш јас го имав најскапиот подарок.

Ќе купевме подароци за другите, ќе им ги подаревме со љубов и тие ќе беа среќни.

Ама, имаше тука нешто што ме копкаше, јас го имав својот подарок, ама ги немав туѓите, тука секогаш беа поинтересните работи, монотоноста почнуваше да се разбива, почнуваа сите тие купени работи да имаат различен лик кај мене, почнував да сакам да ги имам сите нив, иако пред тоа имав можност да го одберам било кој. Ама нештата кои не можеш да ги имаш се оние најслатките.

Сега пораснав, сега љубовта ми е главниот приоритет каде треба да избирам.

Изгледа сега знам што сакам да имам - „она што не можам да го имам“.

Работите понекогаш изгледаат полесни отколку што се.

Сакав девојка со права, долга коса, кафени очи, нежен поглед. Девојка која ќе ме натера да ја засакам повеќе од себе. И добив, ја добив како „седумка на лото“…

Беа топли летни денови, зборувам за времето кога сè уште постоеше живот на улица, кој сега е живот на компјутер.

Спортот отсекогаш ми беше нешто што најмногу ме привлекува, имав другари кои сакаа кошарка, па отидовме во кошаркарски клуб и се запишавме. Запознав ново друштво, па летото го поминав со нив. И таму беше. Мојата совршеност, мојот поим за идеалност, мојата потенцијална опсесија. Сфатив дека совршеноста постои, затоа што совршени се сите кои се сакани.

Посебна беше… Начинот на кој ме гледаше, начинот на кој го примаше секое мое изразување на љубов, а сè уште бевме деца.

Така имав замислено, ќе се заљубам во девојка која ќе ме сака, ќе сака да биде со мене, но пред сè, ќе сака да ме запознае, ќе ме одбива се додека не ѝ докажам дека навистина ја сакам, а потоа ќе биде со мене, затоа што сум ја заслужил.

И ме одбиваше, постојано, со секој нов ден сè повеќе ме оддалечуваше од себе.

Сега кога сите ги бараат нивните „вистински“, јас ја барав неа, а таа некој друг, некој што не сум јас.

Почнувам да одам по работите што можам да ги имам што полесно, затоа што така беше најдобро за неа, затоа што така таа сакаше да биде.

Многу пати ќе речеше „никогаш не се откажувај“, „никогаш не губи надеж“, ама тоа не ми го велеше мене, таа сакаше јас да се откажам од неа.

Различни бевме, различни од времето во кое живееме, во време кога скоро секоја девојка сака да има што повеќе, таа беше недопирливата. Во време кога врските траат по два месеци, јас ја сакав четири години, без таа да ме сака мене. А, што е уште полошо, ја чекав.

Ама таа не беше виновна, нели јас го барав невозможното, па ете, сè уште е невозможно, по толку време.

Реков ќе се откажам, ама не можам да го направам тоа, таа веќе е моја опсесија, мое секојдневие, моја мисла пред спиење…

Немојте да ги сакате невозможните работи, откажувајте се! Затоа што ако некогаш невозможноста станува возможна, тогаш тоа е кога вас не ви е важно.

Сето останато? Трошење на време, а и шанси.

Замислував многу работи со неа, толку многу време. А колку остварив? Ниту една.

Жално е што најубавите песни ги посветив на неа, сега на никоја следна нема да можам да и ги испеам. Никогаш нема да имам храброст да ги правам за друга, работите кои ги замислував за неа.

Чекав повик кој знаев дека никогаш нема да го дочекам, замислував прегратка која беше неостварлива, давав љубов која не беше доволна да се освои она што не е возможно да се освои.

Сè поради тоа што ја сакав невозможната.

Автор: Цветанчо Талески

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg