Досега тебе те слушав, сега е ред ти да имаш слух само за мене

Знаев така некогаш, да се загубам во музиката додека на маса со друштво смеа се крева. Знаев и да избегам со мислите подалеку од местото каде што се наоѓам.

dosega-tebe-te-slushav-sega-e-red-ti-da-imash-sluh-samo-za-mene-001.jpg

Ќе те посетев тебе, ќе дојдев да те видам само... и се заборавав. Останував таму, не знам, веројатно убаво ми беше.

„Ана, слушаш?“ - ќе ме потчукнеше некоја од тајфата наша.

„Еј, да слушав“ - ќе речев и ќе се насмевнев благо... и лажев. Можеби вешто, а можеби и не, го криев невремево што го предизвикуваш кај мене.

Невреме било... па ќе помине бе, што не поминало? Но, и сонцето нема да те грее како порано. Сè ќе е исто, едноставно поинаку ќе се чувствуваш бе мила... така ти е тоа.

Што си постојано изгубена бе Ана? Кај ти е паметот? Што туку разгледуваш наоколу како да бараш нешто, а погледот празен ти е? Што се муртиш?

Одговор имам ли? И да имам, што ќе ми е.

Јас знам што ми е, знам колку сакам да се враќам назад во моменти кои ме оживеале, после долго време ме разбудиле однатре.

Јас знам колку човек може да се излаже милувајќи топла дланка.

Јас знам колку боли свој поглед загубен во туѓ кој те гледал бесчувствително.

Јас знам колку измачува ненаситноста.

Сето тоа јас го знам, не ти.

Сега мене ме прогонува, не тебе.

И ме нервираш понекогаш знаеш, ме нервира таа изопаченост, вообразеност.

Во сиот тој афект на нервоза истовремено сакам да те грабнам, да те одведам некаде и да ти изнаречам се, на крај да омекнам и да седнам покрај тебе, да те помилувам и да ти речам: „Сега заминувам, сега ти бори се, како што јас макотрпно се борев за оваа битка“.

Па да те гледам, да те гледам како покажуваш напор и се судираш со светот, да гледам дека полудуваш, полудуваш од мака, но не се откажуваш.

Да си речам: „Ех... вредело исклучувањето од светот за со мислите да те ѕирнам тебе“.

На крај конечно да се вратам во реалноста, кај што навистина сум била сето тоа време мислејќи на еден краток момент од животов со тебе, како секунда, како здив... и да се вклучам, да се вклучам во она што се случува околу мене.

Навидум сум слушала, а тек сега ги отворам ушите за сè друго освен тебе... досега тебе те слушав, сега е ред ти да имаш слух само за мене.

Автор: Ана Мартиновска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg