Луксузи не ми требаат, само од љубов меѓусебна да изгориме!

luksuzi-ne-mi-trebaat-samo-od-ljubov-megjusebna-da-izgorime-01.jpeg

Јас да сум таа тебе што прва мислите ќе ти ги знаеше, блиску до срцето ќе ти бев, блиску до душата. И низ твојата душа да се видев себеси, и во себе да пробам да се заљубам... И да те милувам, како што те милувам.

И да ме милуваше и ти како јас што те милував.

И немаше ич да жалам ако не потраеше ти, ако се истрошеше како свеќичка мала восочна, оти душата сум ти ја запознала. Телото чиниш свеќа е, се топи, се троши, душата камен вековен.

Да те измислев јас, ќе те чував како ниедно девојче што би те чувало на светов, немаше да дозволам годините да те избледат.

Да те измислев јас, секоја месечина по едно писмо глаголица  ќе ти праќав, архаични зборови од срцево мое до срцето твое,  само за ти да ги разбереш. На милиот наш татковски јазик.

И секој мој збор, ветен, испечен со цимет и љубов, да си го кажеш наглас, ехо да ти се стори, да си го запомниш и врзеш во душата, дека тука сум.

Дека од далечината срцето мое те милува, далечина е и кога до мене седиш.  Најдалеку си ми кога си најприсутен, најближен си ми кога си најдалеку, во некој залутан сон, кога случајно ќе се сретнеме.

Да знаеш.

 Дека тука сум. Оддалеку те љубам. Дал знаеш, дал си свесен колку си ти сакан?

Те љубам кога наутро очите ги отворам, сонце кога ме милува.

Ќе те направев писменце од папирус, од јагне неродено изведено, и ќе те носев во скриено џепче крај срцето, ќе те криев како најтаен документ во најскришните долапчиња само да те заштитам, никој да не те најде, ни наш, ни Германец.

Aко те измислев јас, верен придружник ќе ти бев, и рака ќе ти пружев, и на јаве и во сон, и пред луѓе и нелуѓе, без срам и перде, тука сум ќе ти шепнев.

Низ планиње, ниви, ридои, низ полиња секаде придружник ќе ти бев, една љубов татковинска оти делиме, заедно да ја уживавме. А над нас милите сонце и месечинка да ни светат, да не чуваат од душмани тајни, планината мајка заштитничка, реките поилки грижни сестри, небовината покрив најскапоцен.

И тука под ѕвезди житарки, еден оган да запалиме, да бликне како искра во преполна соба меѓу двајца непознати, па да се вивне до небо, во пламенот ако треба и да изгориме. Од љубов меѓусебна. Под една черга да чергариме, не ми треба луксузи ни скапи вили. Ни коли, ни мотори. Ти и јас под небо едно и едно шаторче мало, прибежиште од студени ветрои. Да можев да те измислам, да нè измислам. Вакви ќе бевме.

Во маслинести јакни, на студено утро, со ранчиња и жешко кафе во рацете,  врвовите во срцата ќе ги освојувавме.

Во нашата мила нашевина, коските ќе си ги оставевме.

Автор: Коштан

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg