Тато, финансии немаше да ни дадеш, но љубов ни даде и тоа е повеќе од доволно

tato-finansii-nemashe-da-ni-dadesh-no-ljubov-ni-dade-i-toa-e-povekje-od-dovolno-01.jpeg

Татичко,

„Здраво, одамна немаме зборувано. Сакав само да ти кажам дека ми недостасуваш бескрајно. Ми недостасуваат твоите свиени веѓи и тој лажен лут   поглед зад кој се криеше најчувствителниот и најпозитивниот човек што го  познавам.

Човек кој всушност беше прегазен од сите проблеми. Проблеми кои   успеаа да го надвладеат тој твој весел дух. Иако, сите те знаат како насмеан  и позитивен човек, само јас бев сведок колку тага всушност се криеше зад  таа лажна насмевка.

Знаеш, честопати не знаеше како да ја изразиш својата татковска љубов, бидејќи ниту ти самиот не си ја почувствувал. Но, ние ја чувствувавме, колку и да го криеше тоа, не грижи се.

Кога знаеме дека човек е блиску до нас секојдневно, не обрнуваме внимание на неговото присуство толку многу. Но, како велат, - „Замини, па ќе видиш колку му недостасуваш на некого“.

Не требаше да заминеш за да почувствуваме како е да се живее без тебе. Свесна бев дека те измачуваше тоа што не можеше финансиски да ни пружиш повеќе од она што го имавме, но, заедно со мајка ми толку добро сте нè воспитале, што никогаш не сме побарале ништо повеќе од она што сме го имале. Единствено нешто кон кое сме тежнееле било повеќе љубов и внимание. 

Но, таков е животот. Постојано се бориш со сета сила, за да во еден момент срцето едноставно ти каже: „Доста е, не можам повеќе“…

Денес дипломирав, знаеш? Знам дека секогаш се гордееше со мене, што и да направев, но би сакала навистина да беше тука, да ја видев таа најискрена радост во твоите очи и да знам дека сум успеала. Знам дека најмногу и од срце ќе се радуваше на моите успеси во животот. Па, и ќе пуштеше некоја солза која невешто ја криеше секој пат.

Ова беше само едно од првите поважни случувања во мојот живот кога бев свесна и почувствував голема празнина и покрај сите тие луѓе околу мене. Кога бев свесна дека навистина те нема.

Да почекаше барем уште малку, да ме изведеше до крај на вистинскиот пат. 

Сега, се чувствувам нецелосно, изгубено, не знам каде да одам и што да правам во животот без твоите совети, на кои иако пред тебе се потсмевав, знаеше дека секогаш ќе ги послушам, бидејќи јас и ти бевме исти, инаети.

Се надевам дека постои нешто после овој живот и дека си сега мирен таму,  
без проблеми и грижи. Се надевам дека ќе продолжиш да ме чуваш и сакаш и од  
таму.

А јас тука, секогаш ќе се грижам за брат ми и сестра ми, ти не грижи  
се.“

Ми недостасуваш бескрајно,
Твојата принцеза.

Автор: Ангела

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg