„Македонија е никаква земја - земја без иднина“

makedonija-e-nikakva-zemja-zemja-bez-idnina-01.jpg

„Македонија е земја без иднина. Македонија е земја без перспектива и просперитет“. Најчести изјави на секој наш граѓанин. Младите умови ни бегаат, младите сили нè напуштаат.

Многу да се каже, а ништо да се направи. Многу скриени вистини, многу обелоденети лаги. Голем број обвинети на слобода, и голем број невини во „затвор“. Правдата па речиси и да е еднаква со неправдата.

Трудот, образованието, воспитанието и моралот на последно место. Важни се парите, славата и лагите. „Сега ние сме на власт, сега на нас е редот. Народот нема да дознае, и онака ништо не разбира“.

Веќе 28 години откако Македонија се осамостои, но сè уште е во транзиција. Жално. Навистина жално. Од осамостојувањето па до денес, наизменично две партии ја преземаат власта.

Во тој процес следува низа на криминал, убиства, корупција, злоупотреба на службена должност и уште какви не валкани дејствија. Одговорните за сето ова? Едноставно кажано, ги нема.

Не е важно што понатаму, не е важно како другите ќе се справуваат, како ќе се обезбедат средства со светски стандарди за живот во Македонија. Што останува на нас?

На нас останува да ги затвориме очите и да ги проголтаме сите овие случувања небаре се капки вода од свеж извор. И да се поделиме во двете најголеми партии, да водиме расправии за тоа која од нив прави повеќе за нас, кој лидер е подобар и колку поголема омраза создава секоја од нив.

Слепо да премолчиме за тоа која од нив од ден на ден ни го загорчуваше животот. Нè оставаше без трошка надеж и ги прекршуваше моралот, правото, квалитетот и професионалноста во оваа држава. Ако веќе може да се нарече и така, држава, затоа што многумина од нејзините граѓани и ја негираат.

Некои принудени од бедните услови за живот, а некои понесени од желбата дека надвор од Македонија условите се, народски кажано „мед и млеко“, притоа не преземајќи никаква иницијатива за подобрување и напредок во својата татковина, ги земаат странските пасоши во рака и „збогум во подобар живот“.

А потоа од таму го коментираат „подобрениот живот“ во Македонија.

Но, застанете малку, ве молам. Најлесно е Македонија да се „сака“ од далеку. И да се плука по народот кој не знае што со себе и водењето на политиката која не се заснова на владеењето на законите и принципите.

А до пред малку и вие тука припаѓавте. И полесно ви беше да се преточите во друг народ и да говорите од страна, наместо овде да преземете чекор. По сето ова може да се заклучи дека има нешто во македонскиот народ кое е неискоренето, и кое понатаму тешко ќе се искорени ако продолжиме со ова темпо.

Овој народ кој живее на оваа денешна територија всушност многу тешко разбира дека иднината е во секој од нас. Многу брзо и лесно се навраќа на минатото барајќи изговори дека Македонија не треба да прерасне во нешто што никогаш не била.

Не! Македонија може да прерасне во нешто што ќе биде подобро од сите нејзини периоди на развиток! Ќе прерасне во нешто поголемо и ќе се издигне само доколку ние сакаме и се потрудиме да ја докажеме човечноста и совеста во нас.

Ако ги обединиме сите етникуми во Македонија и живееме како нејзини чесни граѓани кои заедно се борат, соработуваат и вложуваат во својата иднина. Во иднината на нашата земја.

Промените и резултатите ќе се воочат само со упорност, истрајност и желба да се постигне вистински напредок. Напредок кој почнува од овој момент, доколку се осмелиме да го направиме првиот чекор!

Автор: И. М / фото: depositphotos.com

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg