Илина од Скопје за Светскиот ден на борба против ракот: „Научив што значи сила, но и тага и сурова реалност“

Денес е Светскиот ден на борба против ракот. Денес се сеќаваме на сите што се бореле против рак и им даваме гласен аплауз на сите што сè уште се борат и на оние кои успешно се избориле.

ilina-od-skopje-za-svetskiot-den-na-borba-protiv-rakot-nauchiv-shto-znachi-sila-no-i-taga-i-surova-realnost-01.jpg
фото: depositphotos.com

Приказни поврзани со рак и болести се тешки за читање, уште потешки за пишување. И јас, како и многу други, често не сакам да размислувам баш за тие неубави страни на животот.

Но, во овие 5 години сфатив едно нешто – поделен товар е навистина помал товар.

Затоа во чест на сите борци и на мојата херој мајка со вас го споделувам овој мој запис.

По малку изолирана и наивна, јас не бев запознаена со постоењето на Светскиот ден на борба против ракот, сè додека ракот не ме погоди директно, во најтесниот круг од семејството – мајка ми доби дијагноза за рак на бели дробови. И не само рак на белите дробови, туку ситноклеточен рак на бели дробови, за кој е познато дека се шири брзо и предизвикува тешко и неконтролирано уништување.

На почетокот мајка ми се справуваше со ракот како и со сè во нејзиниот живот – рационално. Започна со терапија, престана да работи, почна да се храни поздраво, почна да вежба и се фокусираше на своето здравје и психичка благосостојба. Најважно од сè, беше позитивна дека може да живее долго со нејзината болест и полека да ја надмине. На кратко, таа правеше сè како што треба.

Од друга страна, мене не ми беше ништо јасно. Ми се чинеше апсурдно дека мајка ми на 48 години има рак, чувствува болка, ја изгуби косата и може да го загуби животот.

Се прашував како изгледа животот за луѓето кои се во непосредна близина на оваа болест, луѓето кои чувствуваат емотивна болка, но мора да бидат негуватели на своите блиски.

Барајќи некаков знак, некаква помош, ја најдов страната на Светскиот ден на борба против ракот, каде што најдов заедници на луѓе кои минуваат низ слични искуства.

Сите прочитани приказни ме научија што значи сила, трпеливост и љубов, но истовремено ме научија што значат тагата, загубата и суровата реалност на ракот.

Сфатив дека не сум сама и дека не сум беспомошна. Сфатив дека има работи кои можам да ги направам за мајка ми и за други луѓе кои се борат со рак. Сè тоа го направи животот поднослив во тие 2 години заедничка семејна борба против ракот на белите дробови.

За жал, мајка ми ја изгуби битката со ракот пред повеќе од 4 години. Но, тогаш навистина започна мојата битка против ракот.

Мојата цел по загубата на мајка ми стана токму тоа – борба, подигање на свеста и желба да направам сè што можам да им помогнам на оние кои се борат, да им пружам поддршка на сите негуватели и да споделувам вистински и точни информации со сите луѓе околу мене.

Луѓето кои се борат против рак, оние кои излегуваат како победници и оние кои не, заслужуваат почит од сите нас.

Како да ја искажеме таа почит? – Акција, дури и да е најмала, има големо значење и може да смени нечиј живот.

Во Македонија и во светот постојат многу иницијативи кои им помагаат на луѓе кои се борат против рак. Од Светскиот ден на борба против рак до нашата Борка – можности за акција и помош има многу.

Треба само малку знаење, многу желба и отворено срце. А секој што презема некаква акција, било мала или голема, секогаш ќе биде херој во моите очи и моето срце.

Автор: Илина Д.

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg