Јапонска техника за пешачење, идеална за почетници и повозрасни – помага при слабеење, добра е за срцето
Таканаречената јапонска техника за пешачење е со мал интензитет, а истражувањата покажуваат дека е многу поефикасна од вообичаеното пешачење не само при слабеење, туку и при регулирање на притисокот и здравјето на срцето.

Сите знаеме колку е важна физичката активност, но не секој има време, можности или, пак, енергија за интензивен тренинг во теретана.
Ако од која било причина сте личност која повеќе сака да пешачи, добрите вести се дека и ова е ефикасна активност.
Јапонците, пак, развиле и посебна техника која докажано ќе ве одржи во форма, па дури и ќе го подобри здравјето на срцето.
Таканареченото пешачење во интервали (IWT или interval walking training) нарекувано и „јапонско пешачење“ е техника развиена со цел да се подобри кардиоваскуларното здравје на повозрасни лица кои немаат сила и енергија за напорни тренинзи.
Но, оваа техника може да биде добра за луѓе на која било возраст, без разлика колку се активни во текот на денот.
„Истражувањата фокусирани на продобивките од пешачењето во интервали открија дека води до подобра кондиција, зголемена мускулна сила и подобра контрола на шеќерот во крвта.
Покрај тоа, ова пешачење е одличен начин да се движите 150 минути неделно – колку што е препорачано“, вели професорка по медицина од Харвард.

Па, што претставува јапонското пешачење?
За разлика од интензивните тренинзи, па и трчањето, јапонското пешачење е безбедно за сите бидејќи не го оптоварува организмот.
Генерално, се состои од пешачење во два интервала – 3 минути брзо одење и 3 минути побавно одење.
Експертите препорачуваат да направите најмалку пет сета од двата интервала, односно да пешачите 30-тина минути, пет дена неделно. Ова е доволно за да се чувствуваат продобивките.
Истражувањата покажале дека овој начин ан пешачење е подобар од вообичаеното пешачење со константна брзина, и тоа од неколку аспекти:
- Го регулира крвниот притисок
- Го регулира нивото на шеќер во крвта
- Ја регулира тежината
- Ја подобрува кондицијата
- Ја зголемува физичката сила
Покрај придобивките, бидејќи станува збор за активност со низок интензитет, јапонското пешачење е активност која е лесно да се следи и голем дел од испитаниците не се откажале и по завршувањето на истражувањето.

Како да почнете со техниката?
Можете веднаш да почнете со оваа техника за пешачење дури и ако не сте физички активни со месеци.
Секако, ако имате каков било здравствен проблем, секогаш е добро да се консултирате со вашиот лекар пред да почните со каква било нова физичка активност.
Пред да почнете, имајте ги предвид следниве работи:
Поставете си реалистични цели. Ако не можете да пешачите 30 минути на почетокот, почнете со помал период, па постепено зголемувајте го времето.
Проверете дали интензитетот ви годи. Откако ќе го завршите интервалот со брзо одење, не треба да сте без воздух. Ако едвај дишите, тогаш одете побавно во овој интервал.
Носете удобни чевли. Важно е да носите соодветни обувки за да избегнете проблеми со стапалата и грбот.
Слушајте го вашето тело. Ако почувствувате болка, вртоглавица или што било, престанете со пешачењето.
Спирова С. | Црнобело
