Колку долго треба да вежбате пред да почнете да гледате резултати?
Невидливите промени, како зголемено ниво на енергија, може да почнете да ги чувствувате уште во првиот месец. Видливите промени, пак, како зголемената мускулна маса, зависат од разни фактори – начинот на исхрана, интензитетот на вежбите, вашата физичка состојба кога сте почнале со вежбање…

Ако конечно сте се убедиле да почнете со вежбање, браво за вас.
Но, сигурно се прашувате кога ќе почнете да гледате резултати, особено ако некое време ви се чини дека стоите во место.
Доколку целта ви е да ослабите, важно е да бидете свесни дека промената нема да се случи преку ноќ и треба да бидете упорни и трпеливи.
Дури и ако само сакате да изградите мускулна маса, не можете да очекувате инстантни резултати.
Но, некои придобивки, особено оние поврзани со здравјето, може да почнете да ги забележувате релативно брзо.
Колку долго треба да чекате за да видите резултати?
Што се случува со телото откако ќе почнете со редовно вежбање?
Треба да ве мотивира фактот дека некои придобивки од вежбањето се чувствуваат уште на почетокот, без разлика што не се видливи.
Кога ќе почнете со редовно вежбање, промените во телото почнуват речиси веднаш – се подобрува работата на срцето, а се прошируваат и крвните садови.
Со ова, мускулите добиваат повеќе кислород и хранливи материи и телото постепено почнува да се адаптира на движењето.
Една од првите промени што ќе ги забележите е и болката во мускулите. По првите неколку тренинзи, нормално е да чувствувате блага болка додека мускулите да се адаптираат.
На почетокот, некои мускулни влакна се кинат на микроскопско ниво и ова ја предизвикува болката. Но, потоа се обновуваат и стануваат посилни и поотпорни, па болката се намалува.

Кога ќе забележите зголемено ниво на енергија и подобра кондиција?
Генерално, луѓето почнуваат да се чувствуваат подобро околу еден месец откако почнале со редовен тренинг.
По три-четири недели, нивото на енергија ќе биде поголемо, ќе бидете поиздржливи и ќе забележите промена во физичката сила.
Овие промени настануваат бидејќи кардиоваскуларниот систем станува поефикасен, со што се подобрува и разнесувањето на кислородот низ телото.
Качувањето по скапите нема да ве заморува, ќе можете да пешачите подолг период, а можно е да забележите и подобрена флексибилност и подобрено држење на телото.
Кога се појавуваат видливите резултати?
Ова е прашањето што ги мачи сите, но одговорот може да варира.
Видливите промени, како дефиниција на мускулите, може да почнат да се појавуваат од неколку недели, до неколку месеци откако ќе почнете со редовно вежбање.
Овој временски период зависи од многу фактори како начинот на исхрана, интензитетот на вежбањето, вашата физичка состојба кога сте почнале со вежбање…
Тоа што не гледате резултати веднаш може да ве фрустрира, но не значи дека вежбањето нема ефект.
За да почнете да ја гледате промената, важно е да бидете истрајни и да вежбате неколкупати неделно.
И не заборавајте дека дури и уште да немате видливи резултати, со секој тренинг вашето здравје ќе станува подобро и подобро.

Што ако ви се чини дека промените се случуваат многу бавно?
Ако сте биле трпеливи и истрајни, но ви се чини дека цела вечност не гледате резултат, важно е да не правите нагли промени.
Наместо веднаш да ја менувате целата рутина, добро размислете дали навистина вежбате редовно, дали навистина се храните здраво, дали спиете добро, но и дали сте изложени на многу стрес.
Ако ништо не функционира, секогаш е добро да се консултирате и со експерт.

Знаци дека тренингот има ефект (дури и ако не го гледате)
Луѓето обично го следат напредокот мерејќи се и гледајќи се во огледало. Но, важно е да почнете да обрнувате внимание и на другите, помалку очигледни промени.
На пример, ако килажата ви е иста, но забележувате дека облеката ви е поширока, тоа е знак дека сте ги намалиле масните наслаги.
Не заборавајте дека мускулите тежат повеќе од салото, па тежината може и воопшто да не ви се промени, а сепак да изгледате послабо и пофит.
Ако забележувате дека имате повеќе енергија и поголема кондиција, тоа е уште еден знак дека тренингот функционира.
Како што веќе кажавме, важно е да бидете истрајни, да не прескокнувате тренинзи и да бидете трпеливи. И, кога-тогаш резултатите ќе се појават.
Спирова С. | Црнобело
