5 работи што треба да ги знаете ако сте почетници во трчање
Секој почеток е тежок, а особено ако почнувате со некоја важна физичка активност како што е трчањето.
Трчањето има безброј придобивки за телото и духот и според многумина е најефикасната вежба за оформување на телото и губење на килограми. Сепак, оваа активност не се препорачува за сите, па пред да почнете да ја практикувате, пожелно е да се консултирате со лекар.
За сите кои почнуваат со трчање, ова се 5-те работи кои ќе им бидат од голема корист:
Одберете соодветни патики
Прва и основна работа за да се спречат повреди и да се извади максимумот од предностите на трчањето се квалитетните патики. Одберете патики кои се направени токму за оваа намена во поглед на дизајн и изработка. Патиките треба да ви бидат удобни и никаде да не ве стегаат.
Важно е и на каква подлога ќе трчате, на трева, на бетон, во сала и слично.
Задолжително носете удобна облека и спортски градник
Додека трчате, важно е кожата да диши, па затоа се препорачува памучна облека, маичка и хеланки или шорцеви во кои ви е удобно.
Спортскиот градник е задолжителен за девојките што планираат да трчаат. Одберете квалитетен модел кој е соодветен за вашиот облик на градите, не ве стега никаде и е направен од природен материјал. Спортскиот градник добро ги држи градите, што е исклучително важно додека трчате за да спречите несакани проблеми.
Симнете некоја апликација за трчање
Денес има многу мобилни апликации кои можат да ви помогнат околу трчањето. Освен што мерат километража, овие апликации даваат податоци за пулсот, стазата која сте ја истрчале и калориите што се губат.
Сите овие податоци ги мотивираат оние што трчаат да бидат сè подобри и повеќе да се грижат за здравјето.
Не заборавајте вода
Хидратацијата е исклучително важна при трчањето. На почетокот, можеби ќе имате потреба да застанувате и да пиете вода почесто, но со тек на време организмот ќе се навикне. Освен вода, можете да си носите и некој спортски пијалак со витамини за телото секогаш да има доволно течности во себе.
Со време ќе ви биде полесно
На почетокот, често ќе ви биде тешко да дојдете до воздух и ќе се чувствувате преморено по трчањето. За сè треба време, па така и за трчањето. Ова е една од најтешките физички вежби што ги вклучува сите мускули во телото, па знајте дека ќе ви треба подолго време за да ја совладате.
Сепак, по одреден период ќе ви станува сè полесно и ќе се мотивирате да постигнете уште повеќе.
М. В. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





