Србинка порачува - жената е најсилна кога ќе пресече: „Нешто во мене се скрши и никогаш повеќе не го видов“
„Се сеќавам колку долго се двоумев со години, но се сеќавам и на ноќта кога пресеков. Во мене се појави толкава рамнодушност затоа што знаев дека оваа личност ниту ме почитува, ниту ме сака, ниту се грижи за мене како човечко суштество. „Што воопшто правам јас овде?“ – го слушнав прашањето во мојата глава...“
Милица Оливер е поетеса и писателка од Србија, која дел од своите дела сака да си споделува со нејзините 105.000 следбеници на Фејсбук, па така беше и овој пат кога сподели извадок од книгата на која работи периодов.
Нејзината емотивна објава:
„Првиот пат кога срцето навистина, навистина ме заболе, беше кога ја напуштив својата прва љубов и со два куфера заминав на факултет.
Иако официјално не раскинавме, мислам дека болеше затоа што и двајцата некако знаевме дека тоа беше крајот. Сè што дојде потоа беше вишок.
Не се каам што првата година ја поминав далеку од него, малку збунета, прашувајќи се за него, за љубовта, за себе, посакувајќи да му се вратам, да го видам, но со секоја година секое враќање беше сè полошо.
Не можевме да најдеме заеднички јазик. Имавме сè помалку заеднички теми и интереси.
Се сеќавам колку долго се двоумев со години, но се сеќавам и на ноќта кога пресеков.
Дојдов да го посетам во Белград, каде што студираше.
Се сеќавам дека имав гипс на десната рака. Седев на столица, во кујната од неговиот студентски стан, го гледав, го слушав, и во еден момент почна да ми префрла.
Се сеќавам само на ова - за првпат толку јасно, чисто и разумно го видов неговото вистинско лице.
На неговите префрлања останав мирна и не реков ниту збор. Тоа беше онаа мирнотија што доаѓа со целосна јаснотија и поглед на ситуацијата, кога едноставно нема потреба да прозборам и да се слушам себеси како се обидувам да нè убедам во нешто што сега веќе знаев дека е вистина.
Тоа е чувство на длабоко разбирање дека објаснувањата повеќе не се потребни.
Знам дека си помислив: Значи, јас го поминав целиот овој пат, дојдов кај тебе со една функционална рака, а ти се однесуваш вака?
Токму тој момент, таа моја состојба на некаква физичка „оштетеност“, ми покажа толку многу.
Наместо да ми помогне – тој ме прекорува.
Наместо да се погрижи, да праша како сум – тој префрла.
Наместо да ме прегрне – тој ме одбива.
Во мене се појави толкава рамнодушност затоа што знаев дека оваа личност ниту ме почитува, ниту ме сака, ниту се грижи за мене како човечко суштество.
„Што воопшто правам јас овде?“ – го слушнав прашањето во мојата глава.
Станав од таа столица, го земав мојот мал ранец и без ниеден збор излегов на белградските улици, во ноќта што подготвуваше чудно невреме.
Не знаев баш каде се наоѓам, но тоа и не беше важно. Сите мои патишта во Белград секогаш водеа кон старата железничка станица.
Додека последниот воз кон северот се стремеше кон војводинската рамнина и се пробиваше низ невремето што беснееше насекаде, јас чувствував таква мирнотија, бидејќи исчезнаа и прашањата, и зборовите, и чувствата.
Пресеков. Нешто во мене се скрши.
Никогаш повеќе не го видов“.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





