Ивана од Скопје има стил инспириран од француската мода - чисти линии, пруги, пастелни бои и класика (фото)
„Едноставноста ми е секогаш водилка, но со неа сакам детали што носат карактер. Особено уживам во парчиња со јака, некоја романтична панделка, структурирани кошули или лежерни морнарски варијанти“, вели Ивана (35) од Скопје за CRNOBELO.com.

Ивана (35) од Скопје е сопруга и мајка на две деца, жена која постојано е во движење, чиј омилен придружник ѝ е нејзината Веспа и има нежен класичен стил со француски шмек, по кој е препознатлива.
За својот моден стил таа споделува детали за CRNOBELO.com:
„Активна сум, љубопитна, секогаш подготвена за прошетка, ново доживување или момент на радост.
Сакам живеење што се чувствува и токму така го доживувам и модниот стил.

Мојот стил е одраз на она што сум – нежна, но сигурна во себе, елегантна, но секогаш отворена за игра со детали.
Дел од него е и мојата Vespa PicNic. Таа е комбинација од ретро шарм и слобода, исто како и јас, надополнето со малку романтика, и доза носталгија.
Ме потсетува на филмска сцена – ветер во коса, летен фустан и моменти што не се брзаат никаде.

Сакам да носам облека што раскажува приказна, која зборува тивко, но остава впечаток.

Често се инспирирам од францускиот шик – чисти линии, пруги, пастелни нијанси и класични кроеви кои никогаш не излегуваат од мода.

Преку моите комбинации спојувам комфор и софистицираност, традиција и современост.

Едноставноста ми е секогаш водилка, но никогаш досадна – сакам детали што носат карактер.

Особено уживам во парчиња со јака – тие се мој моден потпис, нешто по што сум препознатлива и што ме прави да се чувствувам како своја.

Без разлика дали се работи за блузи со романтична панделка, структурирани кошули или лежерни морнарски варијанти, тие заземаат повеќе од половина од мојот гардеробер и секогаш се враќам кон нив.

