Македонки и Србинки се приклучија на виралниот тренд – жолта ќеса за ѓубре како Balenciaga чанта од 2.000 долари
Откако на филмски фестивал, актерка се појави со обична ќеса што сите мислеа дека е Balenciaga чанта од речиси 2.000 долари, и наши познати личности почнаа да го копираат трендот: „Кому му треба Balenciaga чанта кога имам обична жолта ќеса за ѓубре?“.

Balenciaga e бренд познат по својата екстравагантност и необични модели, посебно на чантите.
Во минатото имаа чанта од неколку илјади долари која личи како торба за пазарење од IKEA, а сега посебно се прослави нивната чанта која наликува на жолта пластична ќеса.

Оригиналната торба на Balenciaga, иако изгледа како евтина пластична вреќа, сепак е изработена од врвна телешка кожа со сјаен премаз кој имитира пластика.
Токму затоа цената за оваа чанта изнесува речиси 2.000 долари, односно 1.790.
Трендот стана вирален откако неодамна сите почнаа да споделуваат фотки од кинеска актерка, која минатата година на Филмскиот фестивал во Кина се појави во елегантна комбинација, но во раката носеше жолта ќеса.
Иако сите мислеа дека е Balenciaga торба, сепак стануваше збор за обична пластична ќеса, па нејзините фотки сега вирално се проширија насекаде, откако таа успеа да создаде тренд од ова.

Сега на социјалните мрежи сите пробуваат да го повторат трендот, а се приклучија и наши инфлуенсерки, како и познати личности од регионот.
Нашата модна инфлуенсерка Дани Ѓуровска, позираше облечена во целосно црна комбинација со бисери, а во раката носи жолто ќесе и напиша:
„Balenciaga? Ова сум само јас со ќеса од пекара, пред ГТЦ“, а во позадина вметна фотографија од Balenciaga торбата со цената.
