На одмор со Миа Костова во грчки камп: „Остануваме по 30 дена, хигиената е одлична, се познавам со 80% од камперите“
„Првите спомени врзани за камп ми се од Градиште, зашто 20 години бевме кампери таму. Секој спомен ми е врзан за камп - од прва љубов до најдобри пријателства, до она дека мајка ми не знаела каде сум - излегувам и се прибирам вечер, во вода си по цел ден...“, вели Миа Костова, која последнава деценија кампува близу Платамона во Грција.

Нашата инфлуенсерка Миа Костова, неодамна се врати од егзотично летување на Малдиви, но и покрај тоа, вели дека одморот во камп во Грција, каде оди последниве 10 години, и каде го израсна синот Андрија, ѝ е омилениот и го чека со душа.
Во кампот, кој се наоѓа близу Платамона, таа е сместена во еден од неколкуте апартмани кои се изнајмуваат - не затоа што не сака да биде во приколка, туку, вели, сè уште не ја нашла идеалната приколка за неа.
Деновите поминати во камп за Миа се како создадени за да ги наполни батериите, да се одмори, да се дружи со луѓето кои доаѓаат таму секоја година, а од кои дел и станале пријатели и надвор од кампот.

За одморот во кампот, но и за нејзината љубов кон кампувањето, која вели дека почнала далечната 1985 година во Градиште, Миа раскажа за CRNOBELO.com:
„Можам да кажам дека работите во кампов не се воопшто сменети, барем откако сум јас тука, последниве 10 години, може и повеќе.
Хигиената е одлична, се одржува на високо ниво, постојано има топла вода, тоалетите за приколките се секогаш чисти, улиците низ кампот се постојано изметени и не верувам дека нешто може да ви недостасува тука.

Јас, ајде да кажам кампувам, во апартманите кои се дел од кампот, зашто сè уште не сум нашла соодветна приколка што сакам да си ја купам. Но, не признавам ниту еден друг камп освен овој во кој одиме последниве 10 години.
Термини резервираме навистина рано. Годинава јас резервирав некаде во февруари, памтам дека уште имавме камин дома кога се јавив да резервирам за да бидам сигурна дека ќе има место.
Апартманите се малку на број, некои 15-тина, а ги знаат многу луѓе коишто доаѓаат често, па тие се некако приоритетни во однос на оние кои првпат доаѓаат тука.
Тоа сопственикот на кампот мислам дека го знае, па чува некои 4-5 апартмани докај април, во случај да доаѓаат оние кои се постојани гости, а во нив спаѓам и јас.

Е, сега, вистината е дека носиме многу работи од дома затоа што знам како функционираме.
Јас си носам дури и наддушек за да ми е полесно спиењето, некои садови, здели за салата, затоа што има кујничка, но не е максимално опремена.
Ама па, во однос на своите потреби, си земате сè од дома.

Вистината е дека љубовта кон кампот е од моите родители, затоа што јас сум камперско дете од ’85-та, израсната во приколка во Градиште, по 100 дена секоја година и за мене, приколка е всушност вистинскиот камп вајб.
Но, како што кажав, тука сè уште не сум ја нашла својата приколка, ама верувам дека и тоа ќе се случи во иднина.

Мислам дека љубовта кон кампот се создава од многу мали нозе, а верувам и дека луѓе што никогаш не биле во камп, не успеваат да се снајдат и им е малку тешко да се прилагодат на условите, но за мене тие се единствени и имам посебен мир кога доаѓам во камп.
И покрај тоа што патувам насекаде, многу често бројам денови додека да стапнам на ова место во Грција.

