На одмор со Миа Костова во грчки камп: „Остануваме по 30 дена, хигиената е одлична, се познавам со 80% од камперите“
Е сега, зошто баш камп? Зашто слободата е поинаква од која било друга, плажата ви е на 30-ина чекори (некои приколки се и на 3 чекори од плажа), во секое време можете да се приберете пред приколка, да направите ручек кога вам ви одговара, можете да користите скара од кампот, да уживате со пријателите.

Вистината е дека во овие кампови има многу Македонци, и да не излажам, ама мислам дека 80% од луѓето што кампуваат тука ги познавам и се дружам со нив и во Скопје.
Со оглед на тоа дека поминувам триесетина дена тука, само ги чекам да дојдат, се договараат ручеци, седенки и мислам дека тоа е тоа што го прави кампот посебен.

Единственото нешто што можам да го кажам како недостаток, а мене не ми прави разлика зашто како што кажав јас сум камперско дете, но на некои луѓе не им годи - е што морате да делите тоалет со луѓето од сите приколки (иако, пак ќе кажам, хигиената е на завидно ниво).
Или ако среде ноќ станете и ви треба тоалет, ќе мора малку да пуштите чекор за да ја завршите таа работа, но јас сум некако стварно навикната на сето тоа и не би ми пречело и да сум во приколка.

Мене сите спомени врзани за камп ми се од Градиште, зашто 20 години бевме кампери таму, во прв ред, а оние што кампуваат таму, точно знаат што значи тоа.
20 години, буквално секој еден спомен ми е врзан за камп - од прва љубов до најдобри пријателства, од оној момент дека мајка ми не знаела каде сум - излегуваш од пред приколка и се прибираш вечер, во вода си по цел ден...

Мислам дека тие дружби што ги носи кампот се незаборавни.
Гледам дека и Андрија ги има тие дружби и едвај чека да му дојдат другарите, зашто многу луѓе во кампов се наши, па ќе кажам дека камп е вистинско уживање, особено за деца - не се врзани за апартман, туку се постојано излезени и нешто прават.

Имам стекнато пријателства низ кампов и многу е убаво кога поминуваш низ улицата па велиш: „Добар ден, како сте, што правите?“ буквално на сите кампери.
Ги знам и повозрасните кои, на пример, сум ги сретнала низ Скопје.
Дел од нив ме памтат и по едно воспаление на уво на Андрија, кога ме спасија едни возрасни луѓе - ми дадоа едно спрејче и ме спасија од сериозно плачење кога тој имаше само 2 години.
Тие луѓе и ден денес се во кампот, а кога ќе го видат Андрија вака голем, многу му се радуваат.
Имам и пријателства стекнати тука, но и многу луѓе од Скопје првпат дошле тука заради мене, па кај и да е чекам да дојдат пријателите и да го прославиме роденденот на Андрија кај нас на тераса.

Инаку, кампот е пред Платамона, под Олимп, а за мене е еден од поубавите делови, иако мора да признам дека плажата не е спектакуларна, водата е солидна, нормално море, не е кристална, како на вториот крак, на пример.
Но, имате што да правите - од тоа да прошетате низ уличките на кампот, до тоа да запалите кола и за само 2 минути да стигнете до Платамона, да отидете до Лептокарија, така што за мене ова е вистински одмор и не признавам ништо помалку од еден месец во камп, а во иднина се надевам, и многу повеќе.

Доколку и вие сакате да ни споделите интересни искуства од вашиот летен одмор за сезона 2025, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
