„Јунскиот одмор во Неи Пори 2025-та - супер песочна плажа со плитко за деца, 5 евра лежалка со кафе, но и тон комарци“
Од совршени изгрејсонца и зајдисонца до широка и долга плажа совршена за детски игри... Гиро пита со цацики сос е 4.5 евра, а топка сладолед во корнет 2.3 евра.

На само 150 километри од границата со Македонија се наоѓа Неи Пори, грчко местенце совршено за „пензионерски одмор“ пред сезона, особено за со деца.

Песочна плажа долга неколку километри, плитко и безбедно за најмалите, а пристапни цени и годинава.

Во јуни 2025-та сместувањето во вилите беше од 40 евра, па нагоре за соба од ноќ, лежалка со кафе и вода е 5 евра, топка сладолед во корнет е 2.3 евра, а гиро е 4.5 евра.
Пиво е 3.5-5 евра, порција морско за двајца е 20 евра, но, се разбира, цените варираат од локал до локал.

Туристичката сезона е отворена, иако бич баровите не беа полни до крај, сепак колку многу посетители имаше се гледаше на шеталиштето навечер.
Најбројни се српските туристи, а потоа следуваат Македонците.

Речиси сите сместувања се навистина блиску до море затоа што плажата е многу долга, а персоналот во локалите веќе добро го владее српскиот јазик.

Килограм праски ќе си купите за 1 евро, кајсии за 2 евра, некоја блузичка за 5 евра, а наметка за плажа за 10.
Околу полноќ сè стивнува, а во ноќите ќе ве иритираат само комарците доколку не се обезбедите со спрејови и соодветна заштита.

