На одмор со Дарко и Верче во Паралија: „Сет лежалки без кафе чинеа 10 евра, има нови одлични бич барови“
„Кога стигнавме таму веднаш се присетивме на тинејџерските денови кога сме биле на тоа место со одвоени друштва и ништо не е исто по повеќе од десетина години. Ја одбравме Паралија за да нема многу возење и да му угодиме на нашиот син Тадеј кој има две години и веќе му е здодевно возењето во автомобил“, велат Дарко и Верче Андоновски за CRNOBELO.com.

Дарко и Верче Андоновски oд Скопје годинава за летен одмор го избраа местото Паралија, Грција, пред гужвите, односно во месец јуни.
Од тоа како изгледало патувањето дотаму до цените на лежалките, тие ги споделуваат своите впечатоци оттаму.
Дарко и Верче за CRNOBELO.com го споделуваат искуството од Паралија:
„Оваа година решивме да одиме на едноставен и мирен одмор во Паралија, Грција.
Користејќи ги првите топли денови од ова лето и почетокот на месец јуни се одлучивме да заминеме на малку поран одмор од очекуваното, а важнo ни беше дестинацијата да не ни биде далеку, а да ни понуди сонце, песок и малку одмор.

Секако една од одлуките зошто ја одбравме Паралија беше и да нема многу возење за да му угодиме најмногу на нашиот син Тадеј кој има две години и веќе му е здодевно возењето во автомобил.

Тргнавме со автомобил од Скопје до Паралија и стигнавме за околу три часа, на граничните премини од македонска и грчка страна се задржавме околу 10-тина минути (сепак зборуваме за почеток на јуни) и првите денови кои започнаа температури до 30 степени.

Кога стигнавме таму веднаш се присетивме на тинејџерските денови кога сме биле на тоа место со одвоени друштва, а предизвикот беше уште поголем, бидејќи ништо не е исто по повеќе од десетина години.

Бевме сместени буквално на 100 метри од плажа во апартман во нова зграда (2024) кој топло можам да го препорачам на сите кои се заинтересирани за одмор со мали деца, бидејќи има голема тераса на која уживаше не само нашето дете, туку и ние во текот на вечерните часови, а особено примамлив е базенот кој е приватен и е само за станарите (гостите).

Паралија е препознатлива по најдолгите песочни плажи во Грција, додека водата е плитка и топла што значи дека нема потреба од страв за детето дека ќе се исплаши од вода (иако нашиот син сè уште е во таа фаза каде не сака вода), па песокот беше попримамлив за играње отколку водата.

Она што морам да го напоменам за водата (бидејќи сите пријатели прво што прашаа кога дознаа каде бевме на одмор беше: „Какво е морето таму?“) во месец јуни кога немаше многу капачи и морето беше мирно, водата беше кристално чиста и бистра, собирав школки, ракчиња и ловев рибчиња што се гледаа со голо око.
Имаше иста бистрина на вода, топлина и песок како да си на некој од краците, ама во буквална смисла на зборот.

Е, сега доаѓа и нашиот дел, секако иако баравме одмор кој ќе го прилагодиме на нашето дете, сепак гледавме тоа да биде и одмор на кој секако најмногу ние ќе наполниме батерии.

