На одмор со Дарко и Верче во Паралија: „Сет лежалки без кафе чинеа 10 евра, има нови одлични бич барови“
Иако има долги и широки плажи на кои можете сами да поставите пешкири и чадори, постојат и нови модерни плажи кои ги немаше пред повеќе од десетина години кога сме биле таму како тинејџери.

Плажите кои ги откривме беа буквално како да си на некој од островите кои се препознатливи во Грција по својот модерен, луксузен стил и за оние со префинет вкус и се одлични за млади, но и за оние со деца кои се подготвени на малку флексибилност помеѓу пиење коктел или пиво на „нога“ и истовремено исполнувајќи ги сите желби на детето.

На дел од плажите бидејќи сè уште не беше започната сезона не се наплаќаа лежалки, додека на други се наплаќаа по 10 евра за сет од две лежалки без кафе, додека на други 10 евра за спална и плус две големи перници, вклучувајќи во цената вода и овошна салата.

Секако, доколку сакате да бидете во првиот ред кој е до самата вода условот на една од плажите беше да се направи сметка од 40 евра, добивајќи исто така вода и овошна салата бесплатно.
Кафето и гирото секаде беа иста цена, а тоа е 5 евра, пивата се во просек од 5 до 7 евра, додека коктелите од 10 до 12 евра.

Единствено што забележавме е тоа што храната на самите плажи беше навистина скапа, односно бургери беа по 16-18 евра по порција.

Цените во маркетите, особено во еден од најпознатите синџири на маркети кој сè уште го нема во Македонија на сите веќе добро им се познати и се достапни за сите.
Нашето искуство во тој маркет особено за пенливи и бели вина е одлично – бидејќи ги дегустиравме секоја вечер на тераса.

Центарот на градот од нашиот апартман беше на само 200 метри што беше одлично за проштеки со тротинет на нашето дете, секој ден од 18 до 20 часот.
Шеталиштето изобилува со мали типични продавници за облека, храна, кафе, сладолед, реквизити за дечиња до 5 години и што уште не.

И на крајот, мора да споделиме една анегдота дека сè беше идеално до последниот час кога тргнавме за Скопје.
Спакувани, одморени, со малку тага што завршува одморот... и само што тргнавме, автомобилот реши дека и нему му треба одмор.

