„Бев на одмор во гратче на 50km од Барселона, со лет од Скопје за 2.5 часа – какви ми се впечатоците?“
Инаку, да се вратам на Калеља... Градот има 3 километри долга и навистина широка плажа со неколку бич барови расфрлени по неа. Но, има и карпеста и живописна плажа (Playa de las Rocas) во заливче, каде додека се сончате ќе видите и качувачи по карпи.



Градот има старо јадро со типични каталонски улици, а покрај црквата „Santa Maria i Sant Nicolau“ неретко ќе видите настани со Шпанци кои танцуваат како да нема утре.
Често станува збор за пензионери, чија страст за животот едноставно е заразна за вас.


Спектакуларен поглед кон плажата и градот нуди и Светилникот на Калеља (Faro de Calella), каде постојано има некакви концерти и настани.

Од Шпанци до Германци, Англичани, туристи имаше од секаде. Македонци и Срби сретнавме само на организираните тури преку агенцијата и можеби еднаш на плажа за време на целиот 12-дневен престој.

Храната во хотелот, како и во сите шпански хотели, беше едноставно совршена.
Средоземното Море годинава беше топло, плажата со преситни камчиња, за мене одлична, за да не се лепи песок по вас, а атмосферата е опуштена каде лежалките се во втор план, сосема далеку од морето, додека напред е слободна зона за туристи со свој чадор и опрема.


Никој не ве служи на лежалките, кои чинат околу 20-25 евра во комбинација со чадор, туку си земате пијалаци сами во бич баровите.

Времето во средината на август беше одлично, а дури и во првите денови кога имаа т.н. афрички бран беше попријатно од Грција поради постојаното ветре.
