Бев на Малта со повратен лет од Скопје за 50€: Кафе е 2€, печива има за 0.50 центи - но, што не ми се допадна?
Се изненадив дека Малта е поголема отколку што очекував. Валета ме воодушеви и преку ден и навечер, а зачудувачки, ниту еднаш не згрешив на која страна треба да се качам во автобус, зашто таму се вози од лево. Но, имаше и работи што не ми се допаднаа...

Кога ќе се спомне Малта, на памет веднаш ми паѓаат две асоцијации - Game of Thrones и Евровизија.
Всушност, кога во 2004 година првпат бев да ја покривам Евровизија (се одржуваше во Истанбул), последното интервју пред поаѓањето за Скопје го направив со претставниците на Малта.


И цело време додека се шетав низ островот си ја потпевнував нивната On Again Off Again.
А како огромен фан на Game of Thrones, уште пред тргнување со душа го чекав денот кога ќе ја посетам Мдина, каде што се снимени неколку значајни сцени од серијата.


Но, да почнам од почеток - што бендисав, а што не ми се допадна на Малта (и какви се цените)?
На патувањето бев со најдобрата другарка Марина. Повратните авионски билети ги купивме за само 50 евра уште пред неколку месеци, а истиот ден најдовме сместување кое нè чинеше неполни 250 евра за 4 ноќи (за двете), и тоа во центарот на Сент Џулијан, градот познат по добрата забава и ноќниот живот.


Планиравме да земеме бикини, сандали, фустани, но само неколку дена пред поаѓање, сфативме дека ништо од тоа нема да ни треба - температурите беа невообичаено ниски за овој дел од годината, поголемиот дел од денот или врнеше или дуваше силен ветер, а кога ќе се споеја заедно, не се стоеше на отворено.
И тоа беше првата работа што не ми се допадна - суденото и многу променливо време, поради што, до крајот на патувањето и настинав.


А во оние минути кога имаше сонце - беше преубаво, како во бајка. И тогаш знаев да се соблечам по кратки ракави (ама колку само за да се фотнам).
Уште пред поаѓање од Скопје, пријатели ни кажаа дека од аеродром е најпрактично да фатиме автобус до Сент Џулијан (чинеше 3,5 евра). Секое влегување во автобус купувавме нов билет, кој чинеше само 2 евра, со важност од два часа, па во тоа време можеше да се искористи и неколкупати.


И, мора да признаам дека се гордеам што ниеднаш не згрешивме од која станица и во кој правец треба да фатиме автобус (во најголема мера заслуга на Марина) зашто на Малта се вози од левата страна, т.е спротивно од ова кај нас.
Прва дестинација ни беше Валета. Во првиот автобус во кој влеговме имаше многу гужва, па иако влезени, нè замолија да излеземе и да чекаме следен. А тој во кој се качивме се движеше низ сите мали улички и по 43 станици и околу 1 час и 40 минути возење, стигнавме во најмалиот главен град во Европа.


Таму нè дочека сонце, кое по 5 минути се претвори во дожд со силен ветер, па пак сонце, па пак дожд и така во недоглед.
А градот преубав - тесни калдрми кои гледаат накај морето, препознатливите шарени тераси, интересни споменици, прекрасна архитектура... И малку туристи, за разлика од лето, кога не можете да се разминете од народ.


Во Валета се радував на посетата на познатите градини Upper Baraka и Lower Baraka, но, се разочарав кога видов дека „долните градини“ се реставрираат и освен градбата во средина, секаде е раскопано.
Плус, градината беше колку половина кошаркарски терен, а не грандиозна како што мислев.


Горните градини, пак, повеќе беа како голем историски споменик, а не вистински градини со многу дрвја, цвеќиња, патеки за прошетка.
И покрај тоа - убави, со поглед на морето и трите града - Биргу, Исла и Бромла.


Нив ги посетивме претпоследниот ден од патувањето, а дотаму стигнавме со бротче, за кое плативме 4.85 евра повратен билет (по човек).
Иако гратчињата се убави, дента беше Велики четврток (пред католичкиот Велигден) па скоро сè беше затворено.


