Бев на Малта со повратен лет од Скопје за 50€: Кафе е 2€, печива има за 0.50 центи - но, што не ми се допадна?
Но, додека влегувавме во Бромла, се слушаше звукот на камбаните, кои повикуваа на миса и црквата беше полна со дотерани луѓе од сите возрасти.


Иако најголемата желба да ја видам Мдина ми се исполни, доживувањето не беше потполно - повторно поради времето.
Со автобус стигнавме до Рабат, а оттаму, преку неколку слатки улички, стигнавме до ѕидините на Мдина.


На влезот на градот нè дочека кочија со коњ, како во далечното минато, но сега во кочијата наместо благородници се возеа туристи.
Градот кој го прошетавме буквално „на трчање“ е нешто што би сакала да го видам пак, на раат, за да уживам во секој момент додека чекорам по неговите сокачиња.


Иако е познат како „Тивкиот град“ (Silent City), беше толку голема галама, што се изгуби смислата на името. Мислев дека ќе се прошетам низ место каде што тишината ќе биде „гласна“, но не беше така - разџагорени туристи, кочијашот кој се појавуваше од секоја уличка и на цел глас ги довикуваше туристите, нудејќи им „незаборавно возење“ низ Мдина.
Шетајќи низ градот наидовме и на најинстаграмџиската сина врата, а моментот мораше да се овековечи со неколку фотки.


И посетата на Рабат беше кратка. Поради лошото време терасите на локалите беа празни, а во затворените делови беше преполно со туристи кои едвај чекаа да се скријат од ветерот и дождот.


Поради времето не бевме сигурни дали ќе успееме да го видиме Гозо, малиот остров покрај Малта, до кој се стига со траект.
За среќа, летот од Малта за Скопје е во 23 часот навечер, па на последниот ден од патувањето конечно имавме многу сонце, а и доволно време да стигнеме дотаму и на аеродром.


Денот ни почна со посета на Бугиба, едно од местата каде што живеат и работат најголемиот број Македонци што се тука (мислам дека бев една од ретките што до пред ова патување не познаваше Македонец што живее или работи на Малта).
Оттаму продолживме до Чиркева, каде што фативме траект за Гозо.


И за овој траект повратниот билет беше помалку од 5 евра, а потоа со автобус отидовме до главниот град, Викторија.
Полека се качивме до цитаделата, која се простира над градот и од каде што има прекрасен поглед на островот, а потоа, шетајќи низ уличките, наидовме на ресторан кој личеше како да е остаток од стар замок, но уреден модерно.


На Гозо јадев зајак, специјалитет на Малта. Ни рекоа дека зајачко месо треба да се јаде исклучиво во малтешки ресторан.
А јас, иако се мислев помеѓу зајачко месо со пире или равиоли полнети со зајак во сос, се решив за втората опција.


Храната чинеше 17 евра, а ја дополнив со Gozo Spritz, коктел на база на крушка, кој беше 7 евра. Дали беше вкусно? Да, многу!
А што е со останатите цени?


