„Бев во Чинкве Тере и низ Тоскана, возови, магични селца, недогледни лозја - вредеше патот со автобус од Скопје дотаму“
„Буквално сум маѓепсана! Од живописните рибарски селца во Чинкве Тере со неверојатни глетки, кои се со воз на 3 до 10 минути едно од друго, до надреалните недогледни лозја низ Тоскана и уникатното гратче Сан Џимињано, со сладоледот прогласен за највкусен во светот и секако, неверојатните Сиена, каде ручав со локалци, и Фиренца, каде го гледав градот од видиковец со звуците од гитара на уличен музичар... Уживав во секој миг!“

Одамна ја гледав автобуската тура Чинкве Тере и Тоскана од Скопје, но секогаш едно деноноќие минато во пат малку ме заплашуваше.
Но, откако се вратив оттаму, со културна група патници, со искусни возачи кои совршено возеа и со водич кој навистина си ја знае работата и е енергетски мотиватор да се види што повеќе од овој магичен дел на Италија не се покајав.
Ги „преспав“ дури и часовите чекање на граница на кои Хрватите нè „осудија“ по воспоставувањето на новиот граничен систем на проверки.

Бевме сместени во Монтекатини Терме, гратче познато по бањите, сместено меѓу Фиренца и Пиза, со околу 20.000 жители.
И иако ни служеше како појдовна точка јас не можев, а да не го истражам.

Беше вистински релаксирачко со совршено уредени тревници со цвеќе, а уживав и во глетката при возењето со панорамско тркало, со билет од 8 евра.

Додека, пак, за само 7 евра во два правци се искачивме до Монтекатини Алто, стариот, историски дел над Монтекатини Терме, сместен на рид со прекрасен поглед.

Ресторани со сијалички, улици од калдрма, совршено бегство особено во топлите летни денови, кога овој крај е преполн со туристи.


И од целата оваа тура единствено не бев воодушевена од Кривата кула од Пиза, иако е една од најпознатите знаменитости во светот, сместена во градот Пиза.

Но, искрено и немав големи очекувања, и како што и претпоставив тука беше само трка по добра и кул фотка.

Сепак, регионот Чинкве Тере, составен од пет мали крајбрежни села, беше вистинска магија. Токму она што го гледате на Инстаграм!

Рибарски селца со живописни шарени куќи, со мали скриени плажички, со вкусни специјалитети како типичниот морски корнет, кој започнува од 11 евра, па нагоре, со калдрма, со патеки покрај море.

Автобусот нè остави во градот Ла Специја, пристанишен град на Лигурското Море, кој е главна железничка база за Чинкве Тере.


