Три месеци низ Европа и назад во Куманово: Отпатувајте со Евгениј

Секогаш потребата за промена знае да ме внесе во нови патувања. Така се случи и пред неколку месеци кога заситеноста од секојдневието и желбата да ги посетам Шпанија и Португалија еднa вечер ме спроведоа до Барселона.

svetot-pocnav-da-go-gledam-kako-svoj-dom_1.jpg

По самото слетување се најдов со мојот пријател Ангел Панов, вокал и гитарист во Рандом Парк и се упативме кон адресата на нашиот couchsurfing домаќин. Рик, студент по информатика, пријателски настроен ни го покажа студентскиот квартGràcia и со пиво и музика ја поминавме ноќта.

Мојот четиридневен престој во Барселона се случи после „масовното прегазување“ кое беше именувано како терористички напад, и пред референдумот за независноста на Каталонија и сите последователни немири.

Заедно со Ангел „шпартавме“ од еден до друг крај на градот, соочувајќи се со сивило и дожд. Плажите кои сè до 1992 година поради Олимписките Игри во Барселона воопшто не постоеле, беа празни, но сепак временските услови немаа влијание врз нашето расположение.

 

The beginning of the new trip ??? · · · · · #barcelona #spain #beach #view #backpacking #hitchhiking #adventure #trip #travelblogger #travel #travelgram #gopro #goprohero5 #goprooftheday #instagood #traver #writer #inspiration #инстаграмџии #фотонаденот

A post shared by Evgenij Houp (@evgenij.houp) on

Не беше возможно да се избегне Саграда Фамилија, а уште помалку да не се воочи архитектурата на Гауди, која беше насекаде низ метрополата што речиси почнав и да ја сонувам.

Дента кога требаше со автостоп да се упатиме кон Мадрид ја дознав информацијата дека во Барселона постојат 12 напуштени метро и железнички станици, што дури во еден момент сакав да го продолжам престојот само за да ги видам тие заборавени агли.

Иако долго време одбегнував да го посетам овој популарен град, на крајот не зажалив. Имав слушнато дека автостоп во Шпанија воопшто не функционира, па дојде и денот да се уверувам во тоа.

Нè качи само еден автомобил кој не префрли сто километри, а потоа со часови бевме заглавени во пустелија. Не ни преостануваше ништо друго освен да го чекаме среќниот автомобил кој ќе нè извлече од мат-позиција.

Спржени од жешкото сонце, испотени и дамлосани стигнавме во Мадрид дури во три часот наутро. Бевме приморани да фатиме еден од оние брзи возови кои се движат 300 километри на час и по изнемоштено лутање, едвај се најдовме со нашиот каучсурфер.

Бевме сместени во една приградска населба, во куќа на семејство од архитекти со заслепувачки поглед од самиот Мадрид.

Немав доволно време за да го разгледам третиот град по големина во Европска Унија, само од далеку го видовме Сантиаго Бернабеу, стадионот на Реал Мадрид и прошетавме низ метежните улици низ центар.

Каснавме тапас, за првпат пробав орео сендвич и напоени со сангриа се одвлечкавме во еден од најголемите паркови во Мадрид, Буен-Ретиро.

Истата вечер, додека целиот натоварен со плускавци на стапалата сфатив дека луѓето од осум милионскиот град не сакаат да остануваат по своите домови ноќе, па затоа сите беа раштркани низ улиците и кафулињата.

Некаде пред полноќ фатив автобус за Лисабон и нетрпеливо чекав да се стационирам во хостелот каде што требаше да волонтирам. По осумчасовно трускање и мижуркање ме дочека неспокојно срцебиење, откако во раните утрински часови стапнав во португалската престолнина.

Стрмните улички беа пусти. Еден бездомник под улично осветлување читаше книга од Фернандо Песоа, а јас во потрага по интернет конекција се преколнував што дојдов тука.

Едвај се снајдов во лавиринтите на градот и кога влегов во хостелот Френдли Хилс се почувствував побезбедно.

Во наредните месец и половина останав во Лисабон и сосема се поврзав со него, со дистриктот Баиро Алто, кој имаше над 200 барови и кафулиња. Волонтирањето не беше напорно.

Работев на рецепција, сервирав појадок и правев палачинки. Дебели и полни со крем. Три до четири дена во неделата имав обврски, а остатокот од времето ми беше на располагање.

За возврат добивав бесплатно сместување, храна и некој ситен џепарлак. Тие жешки денови ја почувствував светлината на Атлантскиот Океан, открив каков поглед крие најзападната точка во Европа и ги пронајдов скриените видици на Лисабон.

Жолтите трамваји навистина беа кул. Имаат дури и споменик од Исус, значително помал од оној во Рио де Жанеиро, како и огромен мост, кој многу ме потсетуваше на оној во Сан Франциско. Секојдневно запознавав патници од целиот свет со кои се дружев и забавував.

Заедно со странци го прославив својот 26-ти роденден и пред самиот крај од престојот присуствував на промоција на новата книга на Ден Браун, именувана како Потекло.

Желен за нови авантури стопирав прво до Коимбра, каде преноќив кај еден пријател и веќе наредното утро се најдов во Порто. Патот од 320 километри никогаш не ми бил полесен.

Само што пристигнав во вториот најголем град во Португалија имав чувство дека се наоѓам во книгите за Хари Потер.  

Дождливото време и падот на температурата не ми остави простор за релаксирано истражување на градот, сето време морав да трчам со чадор в раце и мокри чорапи, поради пропустливоста на чизмите.

Сепак, успеав да тркнам до Ливрариа Лело, една од најубавите книжарници во светот, која ја инспирирала Џ.К.Роулинг да ја создаде библиотеката во Хогвортс.

Мојот каучсрфинг домаќин Инес, која работеше како психијатар со нејзиниот автомобил ми го покажа целиот град и на крај ме одведе да јадеме francesinha. Сендвич на пет „спрата“со различно месо и колбаси, кашкавал, сос од пиво и домати и порција компири. 

После три дена со автостоп се упатив кон Сантијаго де Компостела во Шпанија, најпознат поради Патот на Сантијаго. Рута поради која доаѓаат луѓе од целиот свет за да стигнат до моштите на свети Јаков и да засведочат едно духовно патување и доближување до себеси.

Премрзнат и накиснат од дожд, морав да најдам евтина опција за да стигнам до Хихон, а после и до Билбао. Таму се дочепкав до San Juan de Gaztelugatxe, локација каде што е стациониран Dragonstone од Game of Thrones.

За две недели сменив десеттина каучсрфинг сместувања, кои начисто ме истоштија. Речиси на секој ден-два се пакував и распакував, водев исти претставителни разговори со новите познаници и во моментот кога ќе остваривме некоја близина јас морав да заминам.

Го посетив Сан Себастијан, кој во летните денови е преполн со сурфери и потоа влегов во Франција. Бордо, нарекуван град на виното ми овозможи неколкудневно уживање и бев приморан да се снабдам со дебела облека ако не сакав да премрзнам.

Потоа во еден здив се одвезов во Нант, каде во живо го гледав бендот Epica, кои начисто растурија на сцената пред илјадници посетители.

Поминав нови три месеци трагајќи низ европските координати, кои повеќе ме потсетуваат на еластична спирала изрешетана со патокази и замајувачки ќор-сокаци.

Сега, кога се вратив во Куманово, во онаа куќа од којашто заминав, најдобро можам да се соочам со личниот идентитет и со самата метаморфоза што ми ја овозможи патешествието.

Благодарение на изминатите години светот почнав да го гледам како дом, како своја куќа и топло засолниште, а привремените престојувалишта и оние номадски извици како становишта од кои растев.

Патувањето кое започна од Барселона, а заврши во Брисел беше пропратено со ситуации вредни за споделување, нови лекции трансформирани во лично искуство и себе-прочистувачки моменти.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

8 најубави плажи во Хрватска за одмор со мали деца На кои плажи во Хрватска морето е најчисто, плитко, а има и голем број активност...
Ќе ве качиме во „кајчето на Лихнида“ и ќе ве одведеме до петте најубави локации во нашиот бисер Охри... Рибарите ги прибираа мрежите. А езерото мирно, душа да си одмориш. И додека убав...
Од забави до зори на EXIT до дегустација на 500 различни вида вино – Зошто треба да го посетите Нови... Нови Сад, градот кој истовремено е и мирен и полн со живот, нуди по нешто за сеч...
10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
9 митови за Париз во кои веруваме поради филмовите и сериите Некои делови од Париз можеби мирисаат прекрасно од пекарите, но на многу места с...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg