Меланија и Елена: „Исланд ни приреди културен шок, но е најубавото нешто што сме го виделе“

Постојат дестинации во светот што секој од нас сака да ги посети. Дестинации што нè оставаат занемени и се врежуваат во нашето сеќавање уште многу време откако ќе се  вратиме дома. 

island e realna bajka 2

Исланд за многумина претставува животен предизвик или можност да се сплоти со невина природа за која сите имаме слушнато.

Желбата на Меланија Цветковска и Елена Денковска од Куманово да стапнат на островската држaвата во Атланскиот Океан неодамна им се оствари.

Претходно гледале секакви репортажи и примамливи фотографии кои им изгледале надреални, но уште во првиот миг кога зачекориле почнале да се уверуваат во чудесната убавина на природата.   

„Мора да признаеме дека имавме огромни очекувања“, раскажуваат двете девојки. „Знаеме дека со преработка на фотографиите се добива поинаков изглед од реалниот. Можеби бевме и малку скептични.

Но, уште во првата секунда кога стапнавме на земјата во Исланд над нас се појави аурора бореалис што за нас беше навистина неверојатно и бевме пресреќни што во животот имавме можност да видиме такво чудо од природа. Тогаш сфативме дека Исланд е реална бајка“.

island e realna bajka 4

Ниските температури воопшто не им претставувале проблем за да си направат супер план и облечени во топла опрема да ги посетат најбитните локации: Златниот Круг, долината Хаукадалур позната по своите гејзери, Националниот парк Тингветлир, кој е заштитен од УНЕСКО и секако Сината Лагуна, природен геотермален базен.

„Секоја локација си има посебно место во нашите срца“, раскажува Меланија, фасцинирана од виденото. „Со сигурност би ја одвоиле Сината Лагуна. Тоа е најубавото искуство што го имаме искусено од сите досегашни патувања. Самата помисла дека се капеш во природен базен од 44 степени, додека надвор температура е под нула те прави да се чувствуваш посебно и благодарен на животот.“   

Патувањето во Исланд по неколкупати на ден им приредувало културни шокови. И двете констатираа дека ова е држава сосема поразлична и далечна од сето она што го имаат прошетано.

Меланија и Елена сосема биле изненадени што не можеле да сретнат ниту еден жив човек во околината на Рејкјавик поради слабата населеност. Се чуделе на енормно високиот стандард и необичната храна.

Природната, а воедно и најчиста вода во светот, која мириса на измет. Немајќи друг избор морале да се навикнат да ја пијат. Дневна светлина имало од три до четири часа, а остатокот бил во целосен мрак. Сепак во тие темни моменти се појавувале аурора бореалис, како можност да ги разведри и развесели.

island e realna bajka 5

„Би го посетиле Исланд повторно“, додава Елена. „Но, овојпат во лето. Секое годишно време нуди посебна убавина и магија. Затоа со сигурност некогаш во иднина повторно ќе одлетаме таму“.

Двете другарки им го препорачуваат Исланд на сите оние кои сакаат да уживаат во природна убавина и да избегаат од здодевното секојдневие. Кој и да дојде на островската држава ги чека незаборавно патешествие.

island e realna bajka 3

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Плажа во Хрватска е вистински рај – скриена под карпа, со бесконечно синило и бистра вода Нема да ја видите по пат, треба малку да се помачите за да стигнете до неа, но ќ...
8 рајски плажи на Лефкада кои мора да ги посетите - 50 нијанси сино и совршен поглед Лефкада, малиот грчки остров кој излегува на Јонско Море, за многумина е најубав...
На одмор со Николче: „Бевме во камп во Шпанија - беше поевтино од хотел, на плажите нема лежалки, а ... „Овој летен одмор решивме да го поминеме малку поинаку – далеку од класичните хо...
Бев во Рим на два дена, од Скопје со автомобил до Тирана, па со авион за 50€ - Што успеав да видам з... Предноста на сместувањето во Трастевере е што секаде можевме да стигнеме пешки -...
„Бев во Чинкве Тере и низ Тоскана, возови, магични селца, недогледни лозја - вредеше патот со автобу... „Буквално сум маѓепсана! Од живописните рибарски селца на Чинкве Тере со неверој...
Ја посетив старата семејна куќа во с. Зрзе - ми се разбуди носталгија по летата поминати таму со баб... „Ќе отидеш до сретсело да ми наполниш вода од чешмата?“, ме прашува мајка ми. Ѝ ...

Најчитани неделава