Инстаграм тура во брегалничкиот регион: Какви културни и природни убавини се кријат во Македонија?

Сите сакаме да патуваме низ светот, ама ретко кога се решаваме да ја истражиме сопствената држава. Минатиот викенд беше посебно освежување за мене, но и за други петнаесеттина Инстаграм корисници. 

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 9

Имавме чест да бидеме дел од посетата на брегалничкиот регион организирана во рамки на програмските активности на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.  

Инстаграм турата започна на паркингот пред Спортски Центар Борис Трајковски, како збирно место за сите учесници. За појадок, нешто пред 9 часот, наминавме на пастрмалија со лути пиперчиња во Штип со изговор од страна на организаторите дека треба добро да сме подготвени за патешествието.

И така, по напуштање на Штип се возевме петнаесеттина километри до Баргала или древниот град во Македонија, кој се наоѓа во подножјето на Плачковица. Овој подзаборавен локалитет, многу одамна имал улога на римски воен логор, а потоа, поради местоположбата што ја заземал се преобразил во тврдина.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 1

Од водичот дознавме дека до денес е истражен мал дел од некогашната Баргала, речиси една десетина, но сепак археолозите успеале да се дочепкаат до резервоарот за вода, базиликата, дел од градскиот бедем, инфраструктурата на градот и главната порта.

Баргала допрва треба да се истражи, овој град кој неколкупати бил ограбуван и разурнуван во своите рушевини крие еден куп приказни кои зборуваат за она што некогаш се случувало на овие простори.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 11

Во духот на Индијана Џонс и вознесени од посетата на археолошкиот локалитет продолживме спрема село Чешиново, во посета на фармери кои произведуваат ориз на одржлив начин.

На лице место имавме можност да го видиме системот за наводнување капка по капка за производство на ориз, а освен тоа и да дегустираме специјалитети од ориз.

Иако никој не беше гладен поради штотуку изедената пастрмалија, не можевме, а да не пробаме буквално од сé: кочанската тава ориз, полнети пиперки, сарма од лозови лисја, кочанската лапа, сутлијашот...

Мислам дека за тие половина час го дегустиравме секој вкус што може да произлезе од комбинација со ориз.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 3

Замубаетени во комбето, сé уште под импресии од храната се упативме спрема Осоговските Планини, поточно до ТИЦ „Пониква“, кој се наоѓа на 20 километри од Кочани и на 1.580 метри надморска височина.

Имавме можност да се запознаеме со вработените од туристичкиот инфо центар, кои ќе бидат тука за да ги информираат посетителите за можностите на Осоговијата. 

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 8

Она што навистина ми остави впечаток е посетата на Патеката на клукајдрвчето, која поминува низ букова шума на јужните падини на Осоговските Планини. Не е посебно долга, нешто помалку од километар, но таму постои едно скриено кралство од флора и фауна што речиси и да не е достапно за секого.

Само добро информираните можат да се снајдат во овој простор исполнет со буките и нивните бои, поточиња, ливади, планинските цвеќиња и чаеви, шумските мравки и секако различните видови на клукајдрвци.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 2

Поради недостаток на дневна светлина, не успеавме да го посетиме Виничкото Кале, но затоа саат време се задржавме во музејот на теракотни икони во Виница, каде кустосот со толку ентузијазам и посветеност ни зборуваше за различни сегменти од археолошките наоди што беа изложени таму.

Посебно потенцирајќи ја важноста на теракотните икони, кои се сметаат за едни од најважните наоди во македонската археологија и истите биле изложувани насекаде низ светот. Од Белград, Загреб, Љубљана, па сé до Москва, Ватикан, Париз, Минхен...

По напорниот ден и мноштвото информации, редно време беше да се одмориме и релаксираме во хотелот Централ, Виница. Вечерта, како и што се очекуваше си помина во дружење, споделување на импресии и еден куп шеги што позитивно влијаеше на меѓусебната дружба, а веќе наредното утро во 8 часот, поради богатата агенда бевме во комбето на пат до Пехчево.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 7

Таму нé пречекаа неколку теренски возила, па заедно со нив се упативме во истражување на Малешевските Планини. Прво ги посетивме старите вековни дрвја и изворите на реката Брегалница, а потоа се искачивме на Ченгино Кале (1760 мнв).

Врв на Малешевските Планини, кој се смета за најисточна точка во Македонија и се наоѓа веднаш до границата со Бугарија. Барем мене ова ми беше највозбудливиот момент од целото патување.

Се наоѓаш на толкава надморска височина, уживајќи во невиноста на природата и пространоста што открива еден посебен свет, свет на смиреност и хармонија.

Како врвно задоволство, организаторите нé изненадија со парче Бабина торта што буквално сите до еден се израдувавме како мали деца, знаејќи за каков вкус станува збор.

Во тој момент сите сетила беа задоволени, небаре се наоѓавме во некој магичен простор, каде немаше можност незадоволството да исплива на површина.

instagram tura vo bregalnickiot region kakvi kulturni i prirodni ubavini se krijat vo makedonija 4

Како последна дестинација од оваа Инстаграм тура беше Кукуље или познато како втора Куклица. Секако името е добието поради тоа што карпестите форми наликуваат на човечки фигури или кратко речено – кукли.

Со комбето се паркиравме во селото Нов Истевник и пешадија низ планински предел и шума се упативме спрема последната точка. На оддалеченост од километар-два и на 850 метри надморска височина ни се откри еден отсек со длабочина од шеесеттина метри и во самата срж беа издигнати камените кукли.

Се задржавме едвај дваесеттина минути пред да го напуштиме Кукуље. Поради стемнувањето немавме друг избор освен да се вратиме во комбето и внимателно да се спуштаме по удолнината.

FotoJetwwwwwwww

Задоволни што спознавме нови локации во нашата држава, но истовремено и папсани од многуте настани се упативме спрема Скопје со ветување дека наскоро сите заедно ќе заминеме на уште една незаборавна инстаграм тура.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...
10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
Го посетив селото на Попај морнарот во Малта - бајковита дестинација која ме врати во детството и ми... Она што навистина ме врати во детските денови и ја разбуди мојата меморија со сл...
Уличната уметност и шармантните мурали низ улиците на Брисел Сакам да ве прашам нешто. Дали сте љубители на улична уметност?  Сакам д...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg