Бајковито катче на Париз кое со сигурност нема да ве остави рамнодушни
Не постои сомнеж дека „градот на светлината“ располага со прекрасни знаменитости кои секако треба да се посетат, но овојпат ви го претставуваме малото, бајковито катче на Париз, кое со своите разиграни бои успева да ги маѓепса своите посетители.
Станува збор за улицата Rue Crémieux или пак „виножитото на Париз“ кое се смета за едно од најатрактивните Инстаграм дестинации во овој град.
Едно време, оваа волшебна мала калдрма, скриена во 12 област на Париз беше „тајно место“ за коешто малкумина знаеја, додека денес цената на нејзиниот успех ја плаќаат нејзините жители.
Шармантност преточена во улица со должина од 144 метри, распослана со 35 куќички во пастелни бои: зелена, розова, виолетова, сина, жолта... Зачинетост на оваа извонредна глетка придонесува цветната градина пред секоја од куќичките, за која се грижат жителите на Rue Crémieux.
Разни фотосесии, музички видеа и постојана фреквенција на луѓе се главните фактори поради кои жителите на „шарената улица“ сѐ уште водат битки поради нарушување на нивниот мир и приватност, па затоа постојат неофицијални најави дека за време на вечерните часови и викендите таа ќе биде затворена.
Потпретседателот на уличното здружение во Париз изјавил дека ситуацијата станува пеколна, особено за викенди. Жителите на Rue Crémieux се жалеле дека додека ручаат со своите семејства, дури 200 туристи се покрај нивните прозорци и се фотографираат.
Во продолжение, ви приложуваме низа на фотографии кои делумно ќе ве доближат до извонредната атмосфера која опседна значително голем дел од популацијата низ целиот свет:
Мила М.| Црнобело
Би можело да ве интересира:





